Една од главните работи со кои треба да се зафати новата влада е суштинска реформа на правосудниот систем, сметаат правни експерти. Според нив, тоа е потребно пред се поради ниската доверба од само 2 отсто, која граѓаните ја имаат во судството. Професорот од правниот факултет во Скопје, Борче Давитковски, вели дека треба комплетно да се преиспита улогата на судскиот и обвинителскиот совет, но и на академијата за судии и јавни обвинители, односно дали таа ги дава очекувањата.
„Кај нас секоја влада почува со реформи на крајот од мандатот што е најголема глупост. Сега ќе имаме нова влада. Во првите 6 месеци, треба да се етаблираат насоките како ќе се прави реформа во правосудството, јавната администрација, образование, здравство, за да луѓето имаат перцепција што не очекува и дали ќе биде подобро“, вели Давитковски.
Тој смета дека кај ниту една поранешна македонска влада немало политичка волја за да направат вистински реформи. Затоа е скромен во очекувањата и од идната влада.
„Кај нас политиката е многу инволвирана и јас не очекувам многу. Но да им дадеме време. Да видиме првите реформски чекори кои ќе бидат, да видиме дали ќе има политичка воља или не. Еднаш нашиве власти треба да знаат, дека не правиме реформа за да влеземе во ЕУ, туку правиме реформа за да се подобри животот и стандардот на македонските граѓани“, вели Давитковски.
Сериозен предизвик со кој државата треба да се соочи е и како да се намали влијанието на политиката врз правото, но и борбата против корупцијата.
„Но доколку таа борба е само фиктивна и со носење на закони, каде имаме на некој начин само амнестија, тоа претставува атентат на самиот правен систем, како она што се случи со намалување на казнените дела и укинување на одредени кривични дела, што испраќа порака дека имаме неказнивост и дека можеби тоа ќе се случи и во иднина“, изјави Ангел Ристов, претседател на институтот „Јуридика прима“.
„Во делот на судството, во делот на републичкиот судски совет, совет на јавни обвинители, треба да се направат реформи. Очигледно е дека од сите страна и од Европа, а и ние знаеме дека судството не ни функционира како што треба и тука треба да се направат реформи“, вели универзитетскиот професор Арсен Јаневски.
Во Северна Македонија досега честопати се носеа закони кои се спротивни на правдата и моралот. Затоа е многу е важно при носењето на законите во иднина да има општа јавна расправа со цел носење на правилни закони, а не закони кои се спротивни на правната логика. Овие пораки беа упатени на десетатата меѓународна научна конференција, „Охридска школа на правото“.