Линкови за пристапност

Денуклеаризацијата на Северна Кореја ќе чини 20 милијарди долари


Експертите предупредуваат дека ќе бидат потребни десетина година за целосна демонтажа на нуклеарната програма на Пјонгјанг

Експерти за контрола на оружје проценуваат дека ако биде постигнат договор меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун на средбата на 12-ти јуни во Сингапур, уништувањето на нуклеарната програма на Северна Кореја може да трае една деценија и ќе чини околу 20 милијарди долари.

„Макотрпната работа се` уште не е започната, и ќе бидат потребни напори од страна на САД, Јужна Кореја, Јапонија, Кина и Северна Кореја. Тоа ќе биде долгогодишен процес“, вели Дерил Кимбал, извршен директор на Асоцијацијата за контрола на оружјето со седиште во Вашингтон.

Трамп изјави дека очекува „позитивен исход“ од средбата со Ким Јонг Ун, но додаде дека најверојатно ова ќе биде почеток на процес за надминување на разликите околу степенот на денуклеаризација, како и деталите за олеснување на санкциите, економската помош и безбедносните гаранции.

Секретарот за одбрана Џим Матис, изјави дека Северна Кореја ќе добие олеснување на санкциите, откако ќе преземе „верифицирани и неповратни чекори кон денуклеаризација“.

Оваа позиција е поблиску до она на владата на Северна Кореја која вели дека отстапките треба да бидат соодветни со фазите на денуклеаризацијата.

Трошоци за денуклеаризација

Се проценува дека Северна Кореја има 20 до 80 нуклеарни боеви глави, како и илјадници балистички проектили кои можат да бидат лансирани од мобилни рампи. Во последниве години беа тестирани и ракети кои можат да бидат лансирани од подморници.

Со толкав обем на нуклеарен арсенал, целта на САД за целосна, неповратна и проверлива денуклеаризација, би можела да чини околу 20 милијарди долари, се вели во студијата спроведена од професорот на Универзитетот Кукмин, Квон Хјук Чул.

Квон својата проценка ја базирал делумно на поранешните нуклеарни договори со Северна Кореја и искуството од Украина која го демонтира нуклеарниот арсенал по падот на Советскиот сојуз во 1990-тите години.

Освен тоа, би биле потребни и дополнителни 10 милијарди долари економска помош, за да се убеди раководството во Пјонгјанг целосно да се откаже од нуклеарната програма и да се помогне во транзицијата на 3-10 илјади работници кои треба да се преквалификуваат во други, цивилни професии.

Претседателот Трамп рече дека не очекува оти САД ќе треба да обезбедат владина помош, но би можеле да понудат американски приватни инвестиции. Тој рече дека владата на Ким Јонг Ун треба да побара директна економска помош од Јужна Кореја и Кина.

Фази во денуклеаризацијата

Неодамнешен извештај објавен од Универзитетот Стенфорд проценува дека ќе бидат потребни повеќе од 10 години за трајно уништување на нуклеарната програма на Северна Кореја.

Извештајот бил подготвен од научникот од Стенфорд, Зигфрид Хекер, кој ја посетил Северна Кореја за да направи оценка на програмата за плутониум, поранешниот аналитичар на ЦИА, Роберт Карлин и истражувачот Елиот Сербин.

Авторите предлагаат процес на денуклеаризација во три фази, во кој во првата година ќе се запре или ограничи понатамошната активност. Во следните пет години ќе се помине во фазата на демонтажа, а во период од 10 години трајно ќе ги елиминираат нуклеарните капацитети на Северна Кореја.

(Брајан Паден, Ли Јон Џе)

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG