Линкови за пристапност

Нимиц смета дека процесот оди во вистинска насока

  • Синиша Станковиќ

По средбите во Скопје и во Атина, посредникот на ОН гледа „зголемен интерес и сериозно внимание“ за решавање на дведеценискиот спор.

„Зборувавме за специфичности, за разновидни можности, а не само општо. Изнесов некои идеи и добив одредени реакции. И, знам дека ова е нешто што треба да се постигне. По мојата посета на Атина и сега на Скопје, имам чувство дека постои зголемен интерес и сериозно внимание во однос на можностите за постигнување решение. Тоа е многу важно, бидејќи лесно е да се каже ајде да го решиме името и да се зборува за општи работи. Но, сите знаеме дека ова е врвно прашање и потребна е голема внимателност за неговото решавање. А, секако, овде постои интерес за тоа“, изјави денес во Скопје посредникот во спорот околу името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц.

Медијаторот, кого дел од македонските медиуми го нарекуваа и „вечниот оптимист“, во Скопје изрази лично уверување дека по 20 години, сега има шанса да се реши проблемот. Иако по средбата со премиерот Никола Груевски, Нимиц рече дека од него добил силно уверување дека решавањето на проблемот е врвен приоритет на македонскиот државен врв, тој, сепак, не навлегуваше во детали.

„Инволвиран сум во ова прашање од 1994-та година и не можам да кажам дека станува збор за сосема нови идеи. Но, работите се издигнуваат на други нивоа и во други контексти и сметам дека секогаш постои можност за креативност и да се дојде до позитивен заклучок“, кажа Нимиц.

Според него, за првпат, по подолг период, двете страни покажуваат сериозна посветеност да се дојде до решение во спорот, односно до отворен прогрес во барањето прифатлива формулација за граѓаните на двете земји. Откако во Скопје и Атина од своите домаќини ги чул нивните ставови, Нимиц најави забрзување и инензивирање на разговорите во Њујорк, каде со двајцата преговарачи, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис, ќе работи на оние предлози кои се конструктивни и обмислени, и изјави дека се надева оти ќе има напредок.

„Има многу опции за кои добивам повратен одговор, но притоа добивам и креативни начини како одредени работи можат да се решат што е нов квалитет во процесот“ изјави Нимиц.

Посредникот на ОН, кој во Македонија пристигна од Атина, каде се сретна со грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос и со премиерот Андонис Самарас, денес имаше средби во Скопје и со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и со шефот на дипломатијата Никола Попоски.

Во соопштението на МНР, се вели дека на посредникот Нимиц му биле “презентирани бројните билатерални иницијативи покренати од македонска страна кои целат кон приближување на двете земји“, била реафирмирана искрената заложба на македонската страна за „наоѓање решение за разликата околу името и уште еднаш го потенцираше нашиот интерес за што поскорешно затворање на ова прашање, како и интерес за динамизирање на процесот“.
XS
SM
MD
LG