Прашањето за спречување на иредентизмот од двете страни на границата, како и преамбулите параграфи на идниот билатерален договор доколку се дојде до решение, се дел од прашањата кои за прв пат беа отворени во Охрид, во рамки на средбата на македонскиот и грчкиот министер за надворешни работи. На тричасовните разговори беа отворени едни од најжешките точки. Министерот Никола Димитров рече дека било дискутирани за сите прашања кои ја составувале разликата за прашањето за името.
„За дел од тие од прашања има напредок, бидејки се созреани, за дел се` уште постојат разлики. Разговаравме за првпат за временската рамка и за чекорите доколку се постигне решение, како тоа ќе се имплементира и како тоа ќе изгледа. Ова беше разговор без надмудрување и за големо разбирање за потребите на другиот. И нашиот главен предизвик е како главните грижи на двете страни да ги составиме и да ја најдеме комбинацијата што ова ќе го обезбеди“, изјави македонскиот шеф на дипломатијата.
Грчкиот министер НИкос Коѕиjас на кусата прес-конференција на која не беше дозволено да се поставуваат прашања, рече дека за решавање остануваат се` помалку проблеми, но оти тоа се најтешките.
„Постои напредок во однос на рамката на заеднича соработка, но и на прашањето кое се однесува на иредентизмот. Го направивиме оној позитивен чекор што можеме да го направиме денес и се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Бевме соочени со големите и тешки проблеми. Се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други. Но тоа е работата на дипломатијата“, Никос Коѕиjас, министер за надворешни работи на Грција.
Во меѓувреме во Охрид разговараа и работните групи од двете страни, кои се составени од искусни дипломати, кои врз основа на напредокот од средбата во Виена го услогласиле текстот за идната соработка во различни области. За разговорите ќе бидат информирани двајцата премиери. Беше најавено дека процесот продолжува. Инаку во изминатиот период, грчката страна не отстапува од принципот „ерга омнес“, односно име за севкупна употреба како и промена на Уставот на Република Македонија, на што се спротивставува македонска страна.
Охридската средба која е трета за само дваесеттина дена, се смета дека ќе донесе нов позитивен напредок во преговорите за кои ќе биде потребно се` уште време за да се дојде до евентуално решение. Новата средбата Коѕиjас-Димитров е закажана за 3-ти и 4-ти мај во Солун.
Грчкиот министер од Охрид замина за Приштина, каде ја продолжува неговата балканска турнеја.
Facebook Forum