Посетата на Никос Коѕијас на Скопје донесе, освен слетување на грчки авион - прво по 12 години, впечаток дека процесот е сериозно раздвижен, дека постои желба кај двете страни за решение, но и голема доза на резервираност дека и покрај затоплувањето на односите разликите за спорт за името се огромни. Разговорите биле добри, а шефот на грчката дипломатија задоволен што е во, како што рече, „северната пријателска земја“.
И Димитров и Коѕијас изјавија дека сакаат одржливо, чесно и праведно решение, кое нема да ги понижи ниту едната, ниту другата страна. Но, како до тоа да се стигне, имајќи ги во предвид грчките инстирања евентуалниот „пакет“ за името да биде „заверен“ и со уставни измени – позиција која од неодамна стана клучен дел од тактиката на Грција. Зошто Атина го бара токму ова – беше прашањето на „Гласот на Америка“ до грчкиот министер?
„Ова прашање ми го поставува вашата страна во преговорите. Не бараме повеќе гаранции, едноставно тоа е искуство што го имаме со ЕУ, со одлуките на уставните судови, кои сметаат дека националните устави се над европското право. Тоа прашање за уставните измени што ги бараме потребно е да го разјасниме и да видиме каде ќе завршиме. Не мислам дека тоа е прашање што сега можеме да го отвориме зашто сме сред преговори“, изјави грчкиот министер за нандворешни работи, Никос Коѕијас.
Двајцата министри ги разгледувале нацрт-спогодбите кои Скопје и Атина си ги разменија како своевидни почетни позиции во преговарачкиот процес што ќе следи, кој Димитров сликовито го опиша како „филигран“ за што треба трпение и упорност. Прашањето е до каде може Македонија да оди во однос на грчките предлози, меѓу кои, неофицијално, е ерга омнес сложено, слеано име без превод.
„Сегашната референца Поранешна Југословенска Република Македонија го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шестте официјални јазици во ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница, заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение. Слеано име на македонски јазик и без превод, не е најдобриот правец во разговорите“, рече министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.
Шефот на грчката дипломатија освен со Димитров се сретна и со премиерот, спикерот, како и со лидерите на главните политички партии од власта и од опозицијата. Наредната средба Димитров-Коѕијас е за една седмица во Виена на разговори во кои ќе посредува Метју Нимиц каде грчкиот министер нема да биде пречекан и испратен со протести како што беше случајот во Скопје.
Facebook Forum