„Нема ништо во резолуциите или во Привремената спогодба за идентитетот на народот. Моето гледиште е дека народот на оваа земја има идентитет, нивно е да го утврдат својот идентитет. Не е мое да утврдувам нечиј идентитет. Ова не е прашање за идентитетот на народот, туку е прашање за името на државата, согласно резолуциите на ОН и членот 5 од Привремената спогодба“, изјави вчера во Скопје медијаторот во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц, по средбите со македонскиот државен врв.
Откако беше соопштено дека претседателот Ѓорге Иванов на гостинот му го пренел координираниот став на државниот врв дека „не е можно решение кое нема да го почитува достоинството на граѓаните на Република Македонија, кое на било кој начин би задирало во идентитетските прашања и кое нема да е во согласност со меѓународното право“, и по одвоените средби и со премиерот Никола Груевски и со министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и секогаш досега, Нимиц побара надминување на спорот, но и потенцираше дека за време на разговорите, „премиерот, другите членови на Владата и претседателот“ ги нагласиле позициите на македонските власти во врска со ова тешко прашање.
„Ги слушнав нивните јасни позиции. Тие изразија многу искрена желба да се реши прашањето и да имаат здрави, конструктивни разговори со нивниот јужен сосед. Ќе ја пренесам оваа желба на Владата во Атина кога ќе бидам таму. Ја изразив потребата на меѓународната заедница и на Обединетите Нации за надминување на оваа прашање што е можно поскоро. Ова е регионално прашање, ова е прашање на светската безбедност. Од голем интерес е за Европа и за САД и што поскоро се реши, повеќе прогрес ќе може да биде направен за многу други прашања. Со нетрпение очекувам да видам дали ќе можеме да ги забрзаме овие разговори на конструктивен начин“,изјави вчера медијаторот.
Но, и покрај изразеното нетрпение за конечно решавање на долгогодишниот спор, особено по двегодишното целосно затишје, откако при последната посета на Македонија и на Грција, самиот Нимиц најави дека нема да доаѓа повторно се додека не процени дека неговата посета би можела да биде целисходна, и вчера и денес, медиумите во Македонија потенцираат дека тој во Скопје дошол со празни раце - без конкретен предлог. И, дека иако по разговорите, заминал за Атина на средби со со грчкиот шеф на дипломатијата Ставрос Димас и преговарачот Адамантиос Василакис, со изразена надеж поради чуениот цврст став на скопските домаќини „за конструктивност и за продолжување на разговорите“, сепак, нема место за реален оптимизам околу позитивен исход во догледен период.
„Никогаш не поставувам крајни рокови за тоа кога давам сугестии. Давам сугестии во момент кога мислам дека е корисно во овој процес, кој, за жал, се одвива долго време. Како претставник на ОН сметам дека нема корист од давање предлог ако не е вистинско време за тоа. Ќе го дадам моето мислење за тоа по разговорите во Атина, и преку контакт со двете страни за тоа што е најдобро да се направи во следните неколку месеци“, рече вчера Нимиц.
Иако медијаторот немаше нов предлог за преговарачката маса, во неговата изјавата дека се работи за регионално прашање важно и за светската безбедност, професорот д-р Денко Малески во изјава во медиумите препозна засилен притисок врз обете страни, како од ОН, така и од европските држави и САД. Според професорот д-р Димитар Мирчев, пак, иако Нимиц само го опипувал пулсот, многу е важно што процесот не е запрен. „Убеден сум дека ако разговорите се вратат на неколку солуции кои беа во оптек, а се блиски како до грчката страна така и до нашата, може да се најде решение“, изјави Мирчев во македонските медиуми.
Многу порезервиран во својата изјава беше професорот Стево Пендаровски, според кого, посетата на медијаторот е во функција на претстојниот самит во Чикаго, но неговото „доаѓање е само колку да не се заборави процесот, да се одржи нивото на контактите, да не замрат разговорите“.
Иако грчкиот премиер Лукас Пападимас, одговори на писмото на македонскиот премиер и ја прифати средбата во Брисел во почетокот на март, дел од македонските медиуми блиски од власта, деновиве потенцираа дека грчките официјални претставници перманентно ја истакнуваат „црвената линија“ на Атина – за географска одредница за севкупна употреба, а и самиот Груевски беше скептичен околу исходот на разговорите со Нимиц и околу понатамошните преговори со грчката страна, зашто, според него, официјална Атина одолговлекува – со желба да се претстави пред меѓународните институции како конструктивен преговарач.