Човекот е со тенденција да креира нови зборови за да го опише светот што постојано се менува. Џонатан Китс, уредник во магазинот Вајард, во новата книга „Виртуелни зборови“ се бави со терминологијата што ја причини Интернетот.
Меѓу првите на листата е спем што се употребува за непобараните електронски пораки. Зборот оригинално значи марка месен нарезок. Нискиот квалитет на месото во нарезокот очигледно беше клучен за преносното значење на несакана пошта или електронски отпад што ви го полни сандачето на компјутерот.
Пасија на Китс е како еволуираат зборовите во Интернет. На пример – твит, збор – ономатопеја за птичјото пеење. Денес означува куса порака испратена преку Твитер. Интересно е дека самиот Твитер на почетокот не ни беше замислен за друга комуникација освен луѓето да може да ги следат диспечерските пораки на таксито, полицијата и други служби. Денес, Твитер е се` друго – само тоа не.
„Твитер стана многу други нешта. Стана новински наслов, куса вест. Стана форма на секојдневна нарцисоидност преку која му соопштуваме на останатиот свет што правиме“, вели Китс.
Твитер, да се изразиме со еден друг „нов“ збор, е краудсорсинг. Терминот е кованица што е комбинација на крауд – неформално собрана група луѓе и оутсорсинг – корпоративна пракса на отворање работни места во странство, каде работната рака е поевтина.
Краудсорсинг се однесува на процес во кој голем број луѓе се повикани да завршат извесен проект.
Уште еден нов термин е добар пример за краудсорсинг – Википедија. Позната како колективна електронска енциклопедија, Википедија овозможува секој што има компјутер и Интернет да може да учествува во нејзиното создавање и збогатување. Можеби токму поради тоа, неретко содржи – неточни податоци.
Неколку од термините во „Виртуелни зборови“ се само фантазија што чека некоја подалечна иднина. На пример, ексополитикс, што се однесува на надворешна политика со - вонземјани.
Ин витро мит е нешто поблиску до реалноста - стејк или кременадла од мускулни клетки на животните создадени по вештачки пат.
Каде терминолошки ќе не` одведат науката и технологијата, без оглед дали се реални или виртуелни, може само да погодуваме. Но, без оглед на тоа, новите зборови, без исклучок, ќе се обидат креативно да опишат секоја нова појава.