Линкови за пристапност

Не сакаме оваа војна да се прошири, рече Блинкен во ОН


Ги повикуваме сите земји-членки да испратат цврста, обединета порака до секој државен или недржавен актер кој размислува да отвори уште еден фронт во овој конфликт, рече државниот секретар на САД
Ги повикуваме сите земји-членки да испратат цврста, обединета порака до секој државен или недржавен актер кој размислува да отвори уште еден фронт во овој конфликт, рече државниот секретар на САД

САД им кажаа на Обединетите нации (ОН) денес дека не бараат конфликт со Иран, но државниот секретар Ентони Блинкен предупреди дека Вашингтон ќе дејствува брзо и решително доколку Иран или неговите помошници нападнат американски персонал некаде.

Блинкен разговараше со 15-члениот Совет за безбедност на ОН поради меѓународните стравувања дека конфликтот меѓу Израел и палестинските милитанти на Хамас, поддржани од Иран во Појасот Газа, може да се прелее во поширока војна, привлекувајќи го силно вооружениот либански Хезболах кој исто така е поддржан од Техеран.

„САД не бараат конфликт со Иран. Ние не сакаме оваа војна да се прошири. Но, ако Иран или неговите посредници го нападнат американскиот персонал некаде, не правете грешка: ние ќе го браниме нашиот народ, ќе ја браниме нашата безбедност - брзо и одлучно“, рече Блинкен.

Војската на САД презема нови чекори за заштита на своите трупи на Блискиот Исток, бидејќи се зголемува загриженоста за нападите од групите поддржани од Иран, изјавија официјални лица за Ројтерс.

САД, исто така, испратија воени бродови и борбени авиони во регионот за да се обидат да ги одвратат Иран и групите поддржани од Иран, вклучително и два носачи на авиони.

Иранската мисија во Обединетите нации не одговори веднаш на барањето за коментар за забелешките на Блинкен.

„Ги повикуваме сите земји-членки да испратат цврста, обединета порака до секој државен или недржавен актер кој размислува да отвори уште еден фронт во овој конфликт против Израел или кој може да ги таргетира израелските партнери, вклучително и САД. Не фрлајте гориво на огнот“, рече Блинкен.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денес се заложи цивилите да бидат заштитени во војната меѓу Израел и палестинските милитанти на Хамас, изразувајќи загриженост за „јасно кршење на меѓународното хуманитарно право“ во Газа.

Повеќе од 700 Палестинци биле убиени во израелските воздушни напади во текот на ноќта, соопшти Министерството за здравство на Газа, што е најголем број на загинати во 24 часа откако Израел почна бомбардирање за да ги уништи милитантите на Хамас по нивниот напад на 7 октомври.

Гутереш му рече на Советот за безбедност дека во „клучен момент како овој“, од витално значење е да биде јасно дека војната има правила, почнувајќи од основниот принцип на почитување и заштита на цивилите.

„Важно е да се признае дека нападите на Хамас не се случија во вакуум. Палестинскиот народ беше подложен на 56 години задушувачка окупација“, рече Гутереш.

„Но, поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат ужасните напади на Хамас. И тие ужасни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“, рече тој.

XS
SM
MD
LG