Линкови за пристапност

Димитров за членството во НАТО: Ова го правиме за нас самите, не се водиме по ничија агенда


Македонскиот министер за надворешни работи и неговиот грчки колега Георгиос Катроугалос во Вашингтон го објаснуваа значењето на Преспанскиот договор, зачленувањето во НАТО, но и руското мешање во регионот

Навреден сум кога некои земји, или аналитичари велат дека правиме нечија туѓа агенда. Ова е за нашата земја да ја направиме многу постабилна во друштво со група земји што се грижат за човековите слободи, за владеење на правото и за демократските институции. Ова го правиме за нас самите, имаме целосна поддршка од нашите граѓани.

Ова го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров кој денеска во Вашингтон учествуваше на меѓународната панел сесија „НАТО Енгејџис“ (NATO Engages: The Aliance at 70) што се одржа по повод седумдесет години од постоењето на Алијансата, а во организација на Атлантскиот совет.

Во полна сала на мултимедијалниот центар „Антем“, Димитров имаше заедничка сесија со грчкиот министер за надворешни работи, Георгиос Катроугалос. Двајцата зборуваа за значењето на Договорот од Преспа, за процесот на зачленување на Македонија во НАТО, но и за руското мешање и негодување на тој процес.

„Од Москва доаѓаат изјави против договорот постигнат со Грција. Сепак, отворено велам и одговарам на таквите изјави дека ова е добро за стабилноста на регионот. Ова е наша одлука“, рече Димитров и додаде дека и натаму треба да се одржуваат разговори со Русија.

​Одговарајќи на истата тема, грчкиот министер рече дека промените што се случуваат се предизвик и за НАТО и за регионот.

Катроугалос посочи и дека договорот од Преспа е придонес за мир во регионот.

„Двете страни имаме интерес од тоа. Се работи за наша заедничка перспектива за иднината. Тоа го сумира нашиот заеднички напор. Не е само да се одржува демократијата, туку и да продуцира стабилност во регионот“, рече Катроугалос.

За време на панел-дискусијата, модераторката му даде можност на Димитров во една минута да објасни зошто Северна Македонија треба да биде примена во НАТО.

Во своето излагање тој го истакна партнерскиот ангажман на земјата во мисијата на НАТО во Авганистан, како и стратешката поддршка што Северна Македонија ѝ ја овозможи на Алијансата за време на интервенцијата во 1999 година врз Србија.

Димитров, воедно додаде дека тоа е стратешка цел уште од прогласувањето на независноста во 1991 година. Сепак, посочи дека целта не е само формалното станување членка, туку реализирање на бројни реформи.

„Целта не е само формално да се биде членка, туку да се реализира и процесот на реформи. Самото зачленување, воедно ќе биде и од помош во постигнувањето на тие реформи“, објасни Димитров на панел-дискусијата во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG