Линкови за пристапност

НАТО ја повика Русија да ги прекине „илегалните армиски операции“ во Украина


Припадник на проруските бунтовници во Донецк.
Припадник на проруските бунтовници во Донецк.

Москва негира вмешаност во борбите во источниот дел на земјата

НАТО ја повика Русија да ги прекине „илегалните армиски операции“ во Источна Украина за коишто наведува дека се наменети да ја дестабилизираат земјата.

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен денес даде ваков коментар по итниот состанок во Брисел, посветен на влошувањето на ситуацијата. Тој рече дека сега е јасно дека руските сили и опрема илегално ја минале границата во источна Украина, како и дека не се работи за изолиран инцидент, туку за модел на однесување последниве месеци, за да се дестабилизира Украина.

Расмусен рече и дека Русија отворила оган врз Украина, и од своја, и од украинска територија. НАТО проценува дека во Украина дејствуваат 1.000 руски војници. Расмусен наведе и дека официјална Москва и натаму на готовс држи илјадници војници во близина на границата со Украина.

Киев побара поддршка од НАТО во борбата со бунтовниците коишто започнаа контраофанзива - наводно со помош на Москва - за повторно заземање на неколку области во источна Украина. Расмусен најави дека наредната недела, на Самитот на НАТО, ќе изрази безрезервна поддршка за Украина на претседателот Петро Порошенко.

Русија во повеќе наврати негираше дека ги вооружува проруските сепаратисти или пак дека испраќа свои војници во Украина. НАТО, пак, објави сателитски снимки за коишто вели дека потврдуваат дека руските сили се вклучени во армиски операции на територијата на Украина. Порано неделава, украинските сили уапсија група руски војници коишто ја минале границата. Руските власти тврдат дека тие случајно го сториле тоа.

Новите судири донесоа и зголемен број на загинати. ОН денес соопштија дека од средината на април, биле убиени 2.600 лица, но тој број не ги вклучува речиси 300-те загинати во соборувањето на малезискиот патнички авион што леташе над зоната кадешто се водат борбите.

Рускиот претседател Владимир Путин денес ги повика проруските сепаратисти да ги пуштат украинските војници, опколени во источна Украина. Путин побара тие да отворат „хуманитарен коридор“ за војниците, за да се избегне „бесмислено насилство“. Водачот на бунтовниците Александар Захарченко за руските медиуми изјави дека е подготвен да го стори тоа, но дека војниците најпрвин треба да го предадат оружјето. Веќе една недела, бунтовниците држат под опсада група украински војници во градот Иловајкс.

Путин во изјавата не коментираше на обвинувањето од Киев и Западот дека Москва директно интервенира на страна на бутновниците, но ги пофали нивните „сериозни успеси во запирањето на армиските операции на Киев“, за коишто пак кажа дека се закана по животите на цивилите.

Американскиот претседател Барак Обама синоќа изјави дека „е јасно светот да види“ дека руските сили навлегле во источна Украина. Тој ја обвини Москва за „намерно и повеќекратно“ кршење на територијалниот интегритет на земјата. Иако ја исклучи можноста за американска армиска реакција, Обама рече дека Вашингтон ќе стои рамо до рамо со европските сојзници во справувањето со кризата и предупреди дека Москва најверојатно ја очекуваат дополнителни економски санкции.

Американската амбасадорка во ОН Саманта Пауер уште поостро ја осуди Русија. На итниот состанок на Советот за безбедност, таа кажа дека Русија „директно лажела“ за својата вмешаност во Украина.

„Во секоја прилика, Русија пред овој Совет кажуваше се` друго освен вистина. Манипулираше. Затскриваше. Директно лажеше. Така, почнавме да ја цениме Русија не според зборовите, туку според делата. Во последните 48 часа, руските постапки доволно говорат сами за себе“, рече Пауер.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин ја обвини владата во Киев дека „води војна против своите луѓе“ во источна Украина. Тој порекна дека руските сили се вмашн во борбите.

Украинскиот претседател Порошенко вчера изјави дека руските сили и опрема вчера влегле во источна Украина и го зазеле градот Новоазовск. Украински одбранени претставници тврдат дека руски оклопни возила направиле обрач околу градот и дека зазеле неколку села во непосредна близина.

Последниот руски потег предизвика загриженост на меѓународен план дека Москва сака да создаде врска меѓу Русија и Крим.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун рече дека доколку се точни извештаите за руско присуство во Украина, тоа претставува „опасна ескалација“ на кризата. Според првиот човек на ОН, меѓународната заедница не може да дозволи ситуацијата дополнително да ескалира.

XS
SM
MD
LG