Линкови за пристапност

Партиските конвенции: дали нешто решаваат?


Пред конвенциите и по нив...
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:21 0:00
Direct link

Иако не се пресудни затоа што на нив не се избира кандидатот како порано, тие се можност партијата да се прикаже во најдобро светло, сметаат дел од аналитичарите.

Следната фаза на американската предизборна кампања започнува со партиските конвенции. Републиканците ќе се сретнат во Тампа, сојузната држава Флорида наредниот понеделник, каде и формално ќе го номинираат Мит Ромни за свој кандидат за претседателските избори. Демократите ќе се соберат во Шарлот, сојузната држава Северна Каролина, една недела подоцна, за да го назначат претседателот Барак Обама за реизбор.

Мит Ромни го возбуди конзервативниот дел на партиската база со одлуката да го назначи конгресменот од Висконсин, Пол Рајан како кандидат за потпретседателската функција.

Демократите, пак, го напаѓаат Рајан заради неговите програми и гледишта за областа на здравството и социјалата, тврдејќи дека само може да наштетат.

Рајан не остана покус - коментираше на зборовите надеж и промена во слоганите на демократскиот штаб.

„Сега гледаме дека „надеж“ и „промена“ се претворени во „напад“ и „обвинување“. Ние нема да напаѓаме други. Ние нема да обвинуваме други. Ние ќе ја преземеме одговорноста“, рече Рајан.

Со различни приоритети на конвенциите: Обама да нагласи што завршил во првиот мандат, Ромни да покаже дека не е исклучен од реалноста
Со различни приоритети на конвенциите: Обама да нагласи што завршил во првиот мандат, Ромни да покаже дека не е исклучен од реалноста
За Ромни, конвенцијата е шанса одново да се претстави на партијата и симпатизерите, смета аналитичарот Норман Орнстин од Институтот Американ ентерпрајз.

„Ромни сега ќе има можност да покаже дека не е арогантен, злобен, исклучен од реалноста, богаташ, туку дека е сеемен и топол човек, сочувствителен и доволно компетентен“, коментира Орнстин.

Обама на конвенцијата пред демократите ќе има поинаков предизвик, најавува аналитичарот.

„Ќе треба да ги нагласи работите што ги направил, вклучувајќи ја и елиминацијата на Осама бин Ладен, што го портретира како цврст и решителен донесувач на одлуки“, наведува Орнстин.

Политичките конвенции се променети од времето кога на нив навистина се избираа кандидатите, вели аналитичарот Питер Браун од истражувачката организација Квинипек полинг.

„Тие се начин за презентирање на секоја од партиите во најубава светлина, начин да им се каже на гласачите - еве кои сме, еве го нашиот кандидат и еве за што се залагаме“, раскажува Браун.

А по конвенциите, доаѓаат дебатите меѓу кандидатите. Првата е на 3-ти октомври.
XS
SM
MD
LG