Линкови за пристапност

Обама: Ромни не може „да измислува“ работи во кампањата


Порекнува дека им овозможил на примачите на социјална помош да не бараат работа.

Американскиот претседател Барак Обама му порача на републиканскиот ривал за Белата куќа, Мит Ромни, дека не може туку-така “да измислува работи“.

На синоќешниот прес-брифинг во Белата куќа, Обама рече дека обвинувањето на Ромни дека им овозможил на примачите на социјална помош да не бараат работа е „очигледно погрешно“.

Обама повторно го повика Ромни да објави повеќе податоци за тоа колку данок има платено последниве години. Претседателот кажа дека животот на оние кои сакаат да станат станари на Белата куќа е отворена книга, така што објавувањето на даночните податоци е составен дел од кампањата.

Податоците од две години покажуваат дека Ромни имал сметки во швајцарска банка. Обама рече дека не сугерира дека Ромни сторил нешто незаконско, туку дека просечниот Американец не користи странски сметки за да ги задоволи даночните обврски.

Ромни и неговиот потпретседателски кандидат, Пол Рајан, вчера беа на предизборна кампања во Њу Хемпшир, каде ја нападнаа политиката на Обама во однос на здравствената програма Медикеар и економијата.

Ромни го обвини Обама и дека лажел кога рекол дека тој ќе ги намали даноците за богатите, а ќе ги зголеми за средната класа. Републиканскиот претседателски кандидат рече дека ничиј данок нема да се зголеми доколку тој победи на изборите.

Според најнова анкета на Ју-Ес-Еј Тудеј и Галуп, мнозинството гласачи во 12 сојузни држави - што се сметаат за пресудни за претседателските избори - велат дека живеат полошо отколку пред 4 години, но сепак му даваат предност на Обама пред Ромни.
XS
SM
MD
LG