Наскоро ќе реагираме со чистење на тие отпадоци. Така ни одговорија од општина Тетово откако „Гласот на Америка“ објави дека подолг период се формира дива депонија во рамките на националниот парк Шар Планина, во близина на викенд-населбата Попова Шапка.
Како што веќе објавивме, на истото место, пред точно две години исто така се формира депонија. Со поддршка од Министерството за животна средина таа лани била исчистена. Но, набргу после чистењето повторно почнало фрлање градежен шут, мебел и разна друга содржина на истата локација.
„Бараме од жителите да не ја повторуваат истата грешка. Не е решение со отстранување на отпадот од приватен имот, истиот да се фрла на јавен имот. Проблемот е повеќегодишен и со континуираното фрлање на смет, состојбата уште повеќе се отежнува“, велат од општина Тетово.
Еден од првите чекори што ќе ги преземеме е на овие критични точки да поставиме камери за 24 часовен мониторинг, преку кој ќе ги откриеме несовесните граѓаниОпштина Тетово
Од таму додаваат дека се работи на студија за подолготрајно решение на проблемот.
„Еден од првите чекори што ќе ги преземеме е на овие критични точки да поставиме камери за 24 часовен мониторинг, преку кој ќе ги откриеме несовесните граѓани кои фрлаат отпад и истите ќе се соочат со казни. Овој план се очекува наскоро да почне да се спроведува“, најавуваат од општината.
Пред речиси две години, Шар Планина беше прогласена за национален парк. Беше формирана и јавна установа чија основна дејност е заштита на животната средина и на биодиверзитетот во паркот, како и едукација.
Велат дека проблемот со дивите депонии и отпадот низ планината е многу поголем и го наследиле од други институции. Посочуваат дека сè уште немаат доволно кадар за да врши постојана контрола.
„Веќе неколку месеци очекуваме одобрување од неколку институции за да вработиме повеќе чувари на заштитеното подрачје. Со четворица луѓе не е возможно да се воспостави систем на контрола и казнување. За жал такви па и поголеми депонии имаме на многу места во паркот“, велат од ЈУ Национален парк Шар Планина.
Цел мај месец собиравме отпад во викенд акции со планинарските клубови од Полошкиот регион, но тоа не е доволно. Потребни се системски решенија.НУ Национален парк - Шар Планина
Прстот го посочуваат кон општините за кои велат дека не го собираат отпадот во повисоките планинските села, додека за Попова Шапка велат дека често контејнерите се преполни и со расфрлан смет.
„Цел мај месец собиравме отпад во викенд акции со планинарските клубови од Полошкиот регион, но тоа не е доволно. Потребни се системски решенија, а тука главен фактор се општините и комуналните претпријатија“, посочуваат од Националниот парк.
За локацијата на депонијата што ја фотографиравме велат дека се планира да биде паркинг простор за ратраци. Дополнително ќе бидат поставени информативни табли за забрането фрлање отпад, а за најкритичните места најавуваат и 24-часовен видео надзор.
„Чуварската служба има ингеренции да издава мандатни казни и да наплати за направената штета, но во моментов додека не им понудиме на граѓаните друга опција за организирано собирање и транспорт на отпадот, се фокусираме на разговори и прибирање средства за механизација со која понатаму би им помогнале на Општините во собирањето на отпадот, барем на најнепристапните места“, додаваат од Националниот парк.
Законот со кој дел од Шар Планина беше прогласен за национален парк беше изгласан на 30 јуни, 2021 година. Паркот се протега на вкупна површина од 62 705 хектари и поделен е на четири зони: Зона за строга заштита, Зона за активно управување, Зона за одржливо користење и Заштитен појас.
Според истиот закон се предвидува формирање чуварската служба чии задачи треба да бидат набљудување и следење на состојбите со природните вредности, како и надзор над спроведување на дозволените активности во Националниот парк.