Линкови за пристапност

Над 70 отсто од убиените новинари во 2023 биле Палестинци, покажа нов извештај


Од 99-те убиства на новинари и медиумски работници, идентификувани од Комитетот за заштита на новинарите минатата година, 77 биле убиени во војната меѓу Израел и Хамас
Од 99-те убиства на новинари и медиумски работници, идентификувани од Комитетот за заштита на новинарите минатата година, 77 биле убиени во војната меѓу Израел и Хамас

Над 70 отсто од новинарите кои биле убиени ширум светот во 2023 година се палестински новинари кои загинале во израелските напади врз Газа, според нов извештај објавен денес.

Од 99-те убиства на новинари и медиумски работници, идентификувани од Комитетот за заштита на новинарите минатата година, 77 биле убиени во војната меѓу Израел и Хамас.

Огромното мнозинство од нив - 72 - биле палестински новинари убиени во израелските напади, покрај тројца либански и двајца израелски новинари, според годишниот извештај на Комитетот за заштита на новинарите.

„Тоа е без преседан“, изјави за Гласот на Америка извршната директорка Џоди Гинсберг.

„Ние целосно се потпираме на палестинските новинари, кои не само што известуваат за војната, туку и ја живеат војната, за да ни ги донесат информациите од Газа“.

Убиствата на новинарите во војната Израел-Хамас продолжиле и во 2024 година.

Според Комитетот за заштита на новинарите, дополнителни 11 палестински новинари биле убиени во војната оваа година.

Минатата година бил забележан најголем број убиени новинари ширум светот од 2015 година.

Убиствата на новинарите во 2023 година бележат пораст од речиси 44 отсто во однос на 2022 година и вклучуваат најмалку 78 убиства, за кои Комитетот за заштита на новинарите утврди дека се поврзани со работа.

„Новинарите се убиени со причина. И тоа е затоа што работата што ја работиме е важна“, рече Гинсберг.

Голем дел од проблемот е неказнивоста.

Истражувањето на Комитетот за заштита на новинарите покажува дека од речиси 1.000 убиства на новинари документирани од страна на групата за слобода на печатот од 1992 година, речиси 80% поминале целосно необвинети.

„Постои јасна врска помеѓу неуспехот да се повикаат на одговорност убијците на новинарите и средината во која продолжуваат убиствата на новинарите“, рече Гинсберг.

Според извештајот на Комитетот за заштита на новинарите од мај 2023 година, израелските војници убиле најмалку 20 новинари - вклучително и 18 Палестинци - во изминатите 22 години.

Никој не е повикан на одговорност за тие убиства.

Израелското министерство за надворешни работи не одговори на имејлот на Гласот на Америка со барање за коментар.

И покрај шокантниот број на убиени новинари во Газа, убиствата на новинари се намалиле во другите делови на светот, со вкупно 22 убиени во 18 земји минатата година.

„Иако убиствата можеби опаднаа на други места, безбедноста на новинарите сигурно не е подобрена“, рече таа, наведувајќи ги високите нивоа на новинарски затворања, како и онлајн малтретирањето и физичките напади врз новинарите.

XS
SM
MD
LG