Вашингтон - град во кој се зборува, пее, танцува, јаде и помага на најмалку седумдесет јазици. Англискиот јазик е официјален, но, сите други се подеднакво важни.
Како успева овој рецепт на мултијазичност? Локалните власти со едноставен одговор.
„Силата на Вашингтон и на САД е во тоа што може да се поврзат со многу заедници и култури. Таа разноликост носи иновација. Вашингтон немаше да се капитализира, доколу не постоеја програмите за различни јазични заедници. Во овој главен град, кој е модел за мултијазичност во САД, се зборува на не помалку од 60-70 јазици“, вели Хулио Гити Гевара од Кабинетот на градоначалникот на Вашингтон Мјуриел Баусер.
За таа цел, во 2004-та година Вашингтон носи Закон за пристап до јазиците, според кој, најмалку 39 владини агенции, се обврзани да обезбедуваат услуги на јазиците, кои најмногу се зборувани во градот - шпански, француски, кинески, виетнамски, корејски и амхарски.
„Жителите на Вашингтон бараа систем кој ќе им обезбеди услуги за здоволување на потребите. Како резултат на тоа, тие придонесуваат за социјалниот и економскиот аспект на градот“, рече Хулио.
Тука се и безбедносните причини. Хулио вели дека многу често е потребен преведувач, за да посредува во спор меѓу полицијата и граѓаните.
Туризмот и градежништвото, пак, особено профитираат од ваквата можност.
Економската логика, вели Хулио е јасна - ако сте сопственик на ресторан и сакате да привлечете конкретна заедница, ви требаат вработени кои ќе можат да комуницираат со тие гости.
„И граѓаните на Македонија не треба да се плашат од два јазика. САД станаа моќна држава поради многуте култури и јазици. Тоа е особено важно во овој свет на натпревар“, порача тој.
Оваа порака одамна ја сфатил Рил Салама од Египет, кој има бизнис со храна среде центар на Вашингтон.
„Многу е практично кога имате туристи од Блискиот исток, Либан и Саудиска Арабија. Кога ќе видат дека служиме медитеранска храна сакаат да зборуваат на арапски. Полесно го разбираат менито, но, и прашуваат за Белата кучќа, музеите... Многу е практично и пријателски“, објасни Салама.
Мешавината од култури го прави Вашингтон уникатен град и дом на многу меѓународни заедници, меѓу кои и Светска банка, а годишно е домаќин на најмалку 120 настани на различни јазици.
Facebook Forum