Денеска попладне се одржа нов протест за случајот “Монструм “ од којшто се слушна ново барање на демонстрантите. Овојпат, тие побараа помош од странските дипломати да обезбедат имунитет за сведоци коишто, како што тврдат организаторите на протестот, биле местени за судскиот процес.
„Од странските дипломати во Македонија бараме имунитет за да носиме луѓе кои ќе сведочат како сакале да ги местат, но бараме заштита за овие луѓе“, изјави Бедри Ајдари, еден од организаторите на протестот.
На протестот беше повторено барањето од претходните, за оставка на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и обвинителката во процесот, Гордана Гешковска.
Протестот, на којшто се собраа неколку стотини демонстранти, започна кај Јаја Пашината џамија. Демонстрантите се упатија кон зградата на Владата, но полицијата ги спречи да стасаат до таа дестинација.
Овој, четврти по ред протест за случајот Монструм, мина без инциденти.