Линкови за пристапност

Ќе продолжат протестите за „Монструм“


Барањата, иконографијата и слоганите биле исти - меѓу другото и разрешување на обвинителката Гордана Гешковска и на министерката Гордана Јанкуловска.

И на третите по ред протести, кои во петоците по пладневната молитва во џамиите се одвиваат мирно, како знак на револт за пресудите во „Случајот Монструм“, и денес, помал број демонстранти, етнички Албанци, меѓу кои беа и роднините на осудените на доживотен затвор, барањата останаа исти: разрешување на обвинителката Гордана Гешковска и на министерката Гордана Јанкуловска, и ослободување на, според нив, неправедно уапсените и осудени лица.

Како и минатиот пат, демонстрантите кои доаѓале од Бит Пазар, биле спречени кај трговскиот центар, пред раскрсницата кај судовите, а полицискиот кордон не им дозволил да продолжат кон споменикот на Скендер Бег, односно кон Владата.

И иконографијата и слоганите кои ги извикувале стотината демонстранти биле исти како и при минатиот протест: албански знамиња, транспаренти, деца и малолетници и скандирање - „УЧК“ и „Не сме терористи!“..

Бедри Ајдари, брат на еден од осудените, изјавил за медиумите дека протестите ќе продолжат и понатаму, се` до исполнување на барања. Тој и директно му се обратил на премиерот: „Господине Груевски, овде сме да протестираме мирно, а вие не` спречувате. Ве повикувам да се уверите дека ова се мирни протести. Со ова што го правите им оставате лошо наследство на граѓаните. Судот во некое друго време и против вас ќе работи и со лажни докази и со лажни заштитени сведоци. Судот работи под диктат, судот не е независен и носи пресуди без докази. Ние не штитиме криминалци!“.

Ајдари потенцирал и дека политиката на партиите на власт не води кон добро и дека „народот нема вечно да ја толерира оваа диктатура“.

Експратеникот Хисни Шаќири побарал двете албански политички партии да застанат зад Албанците, прашувајќи дали „џабе се пролеала крвта на Албанците во 2001 година?“

На протестот, демонстрантите побарале од министерот за правда, кадар на ДУИ, да се изјасни дали се согласува со доживотните казни затвор и со максималните затворски казни за шестемина демонстранти од проптестите против казните од судскиот процес за „Случајот Монструм“.

XS
SM
MD
LG