Линкови за пристапност

Студија: Менталното заболување е широко распространето, но недоволно третирано


Според авторите, вистинската бројка е маскирана со други здравствени проблеми

Важноста на менталната болест на глобално ниво, на која отпаѓаат 32 процента од севкупната попреченост во светот, е потценета за една третина, се наведува во извештајот на меѓународниот истражувачки тим. Претходно, менталната болест се сметаше дека е одговорна за 21 процент од севкупната попреченост.

Истражувачите од Универзитетот „Харвард“ и Кралскиот колеџ во Лондон велат дека луѓето со други здравствени проблеми, како срцево заболување, синдроми на болка, невролошки болести и вирусот ХИВ, често страдаат од ментални нарушувања, коишто остануваат нерегистрирани од страна на медицинската професија.

Клиничката депресија во голем број случаи е пропратна појава со одредено хронично заболување но, како што велат авторите на студијата, таа ретко се пријавува, за да може да се третира.

Даниел Виго, психијатар и научен соработник во Школата за јавно здравство при Универзитетот Харвард во Бостон, вели дека психијатриските нарушувања изнудуваат големи човечки загуби.

Дел од проблемот е, вели Виго, таканаречената „црна дамка“ која ја придружува менталната болест. Луѓето со ментални нарушувања е поверојатно дека ќе избегнат лекари и третман отколку оние коишто се физички болни.

Тој додава дека процентот на лица кои се третирани заради ментални нарушувања, што е околу осум проценти од населението во САД, е само почеток.

Виго и неговите колеги повикуваат за поголемо распознавање на проблемот од страна на пошироката јавност, како и обезбедување услови за третманот да биде понуден и во рамки на матичната лекарска пракса, каде пациентите бараат помош и за други здравствени проблеми.

„Службите за ментално здравје треба да се развијат, а појавата да не се гледа како посебен проблем. Постојат бројни интервенции базирани на докази, применувани во многу поголем обем, како во развиени, така во земји во развој, што покажува дека сето ова е изводливо“, вели Виго.

Третманите коишто можат да бидат понудени преку матичниот лекар, вклучуваат лекови и терапија, но, Виго смета дека најважно е земјите да препознаат дека проблемот всушност постои.

Во април во Вашингтон ќе се одржи Самит за ментално здравје, паралелно со годишниот состанок на Светската банка.

Статијата за обемот и глобалниот проблем со менталното здравје на Даниел Вито и неговиот тим, е објавена во журналот „Лансет“.

XS
SM
MD
LG