Линкови за пристапност

Здравството е во многу тешка состојба, вели министерот Меџити


Тој, во интервјуто, говори за проблемот со чекањето преку платформата „Мој Термин“, за ажурирањето на позитивната листа на лекови, како и за закочениот процес со изградбата на долгонајавуваниот Клинички центар.
Тој, во интервјуто, говори за проблемот со чекањето преку платформата „Мој Термин“, за ажурирањето на позитивната листа на лекови, како и за закочениот процес со изградбата на долгонајавуваниот Клинички центар.

Правиме напори да се скрати времето на чекање преку „Мој Термин“ за пациентите да добијат подобри здравствени услуги, вели министерот за здравство, Фатмир Меџити во интервју за Гласот на Америка на македонски, во кое тој отворено говори за проблемите во здравствениот систем.

„Ние од првиот ден, со мојот кабинет ја скениравме состојбата, по пандемијата и по економската криза во државата, нормално и здравството е во многу тешка кондиција и во многу тешка состојба, конкретно за прашањето, морам прво да кажам дека „Мој Термин“ е добра работа, ние веќе го ажурираме „Мој Термин“ со термините кај докторите и ќе направиме дисперзирање на кадар низ цела Македонија за полесно пациентите да добијат подобра услуга“, изјави Меџити.

Тој, во интервјуто, освен за проблемот со чекањето преку платформата „Мој Термин“, говори и за ажурирањето на позитивната листа на лекови, за што оформената комисија работи на ажурирање на таа листа, како и за закочениот процес во врска со изградбата на долгонајавуваниот Клинички центар.

Глас на Америка: Најавивте промени во платформата „Мој Термин“ ќе ве цитирам, „во случај кога колегите не даваат термини, ние како Министерство имаме можност да им ги закажеме, да дадеме повеќе термини, со цел пациентите да бидат згрижени“. Дали ова го применувате во пракса и колку време моментално е потребно за еден пациент да направи ехо на срце, на пример?

Меџити: Ние од првиот ден, повеќе од два месеца како сум министер за здравство, со мојот кабинет ја скениравме состојбата, по пандемијата и по економската криза во државата, нормално и здравството е во многу тешка кондиција и во многу тешка состојба, конкретно за прашањето, морам прво да кажам дека „Мој Термин“ е добра работа, ние веќе го ажурираме „Мој Термин“ со термините кај докторите и ќе направиме дисперзирање на кадар низ цела Македонија за полесно пациентите да добијат подобра услуга.

Глас на Америка: Кога можат ова пациентите да го очекуваат? Побрзо да направат каква било проверка?

Меџити: Веќе промовиравме платформа „е-здравство“, каде за вакцинацијата ќе можат родителите и семејствата за деца, а и за возрасните, да се информираат точно за контраиндикациите, дали ги има или не, со цел, вакцинацијата да биде поголема во нашата држава.

Глас на Америка: Доколку располагате со податок – колку време моментално се чека за да се направи на пример ехо на срце?

Меџити: Точно за време не би можел да потврдам – не е чесно. Но, правиме напори за ова и да се скрати времето на чекање, со цел пациентите да добијат подобри здравствени услуги.

Глас на Америка: На што генерално се должи ова? Познато е дека во Северна Македонија има одлив на мозоци, и здравството не е исклучок од овој проблем, но покрај тоа има и миграција од јавниот во приватниот сектор на медицински персонал. Имате ли стратегија за надминување на овој тренд?

Меџити: Точно. Јас би кажал дека ова е глобален тренд и точно е дека и од Македонија си одат кадри од доктори и други здравствени работници. Ние веќе презедовме конкретни мерки. Со мојот тим ќе имаме точна визија и стратегија како да се бориме против ова. Студентите по медицина кога ќе бидат на шестата година од студиите, како и фармацевтите и стоматолозите, знаеме кој од кој град доаѓа и каде утредента ќе работи и понатаму да се надградуваат со специјализација.

Глас на Америка: Дали со тоа ќе има доволно доктори?

Меџити: Па, ние имаме три медицински факултети – во скопскиот, штипскиот и тетовскиот и мислам дека кадар има доволно, но досега има лошо менаџирање од страна на здравствените институции. Немало јасна визија и стратегија за тоа какви специјализанти се потребни, на пример во регионалните болници, каде не навеле какви специјализанти им се потребни за денес да немаат дефицит на кадар. Но, ние во овој поглед, сега, не можеме да кажеме дека ова ќе биде долгорочна стратегија, туку засега ќе биде краткорочна, за дисперзирање на кадар од Клинички центар во одредени здравствени институции низ државата, со цел да ги обучуваат нашите кадри. Ако има интернист за ехо на абдомен, да иде од Клинички центар, каде има доволно доктори и здравствени работници, за да може намали бројот на пациенти, познато е дека годишно околу 500.000 пациенти гравитираат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Глас на Америка: Колкав притисок е врз јавното здравство со тоа што медицински персонал – доктори и медицински сестри – преминуваат од јавното во приватното здравство?

Меџити: Тоа е дополнителен притисок. Но, пред неколку дена (се случи) тоа што беше ветено – ги покачивме платите на здравствените работници. Претпочитувам да кажам дека не ги покачивме платите, туку навистина здравствените работници ги заслужуваат и ние нема да застанеме тука. Јас секогаш ќе бидам на страната на здравствените работници, бидејќи доаѓам од фелата на медицината и мораме за идниот буџет да планираме и ново покачување. Но, за Клиничкиот центар има покачување и на ноќниот труд и на коефициентот на интернисти и беа вклучени уште неколку хируршки гранки во хирургијата, како што се гинекологија, максилофацијална, очна клиника, за да добијат повисок коефициент на дежурства, како што имаат и другите хируршки гранки.

Глас на Америка: Какви се плановите на Министерството за здравство за новиот Клинички центар? Дали можеби се знае кога тој Клинички центар би бил готов и во функција?

Меџити: Ние како кабинет имаме и поширок концепт, новиот Клинички центар е многу добра работа, капитална инвестиција во нашата држава и тоа треба што побрзо да почне да се применува и да почнат првите подготовки за изградба на новиот Клинички центар, но и концепт за здравството со неколку центри – болници низ цела Македонија. Еднаш засекогаш да се реши проблемот на здравството, да функционира како што доликува во нашата Република.

Глас на Америка: Дали некоја процедура е отпочната за изградбата на новиот Клинички центар?

Меџити: Засега не. Но, и ние презедовме мерки, заинтересирани сме и за концептот. Има заинтересирани и страни и групи на интерес. Ние го претставуваме проектот и пред нив, и пред амбасадите и правиме подготовки за еден ден да може да започне градењето на досега многу зборуваниот нов Клинички центар.

Глас на Америка: Каде е заглавена процедурата?

Меџити: Па, сега, нормално, тука пред сè проблем е буџетот. Тоа е многу капитален проект и сега ќе се разгледуваат опциите. Тоа треба да биде информација од Влада, заеднички како да го решиме тој проблем. А, мислам дека е крајно време да започнеме.

Глас на Америка: Како министер, имате ли вие некој рок од кога треба да почне изградбата на новиот Клинички?

Меџити: Не е чесно сега да го кажам тоа. Вие знаете дека јас сум нов министер, речиси 70 дена. До редовните избори има една година. Треба бидеме и рационални. Да видиме, (да ги искористиме) сите сили за да може на тој Клинички центар еден ден да се работи.

Глас на Америка: Нов сте како министер, споменавте и самиот. Кога би одбрале еден приоритет од промените кои ги најавивте во здравството, што би било тоа?

Меџити: Веќе го одбрав. Тоа што најмногу ме боли е позитивната листа на лекови, која не е ажурирана 10 години. Оформивме комисија, имаше законски измени за здравствена заштита и веќе сè е спремено и компаниите од областа на фармацијата да аплицираат за да може да ја ажурираме таа позитивна листа, со цел пациентите да добијат ефикасна и ефективна терапија.

Министерот Меџити отворено говори за проблемите во здравството
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:39 0:00

XS
SM
MD
LG