„Ние, како Влада, ве уверуваме, никогаш нема да се мешаме во работата на медиумите. Го преземаме ризикот критиките да бидат упатени кон нас... Сепак, медиумите се далеку од нивото што го посакуваме. Ќе работиме на внатрешната поставеност и на финансирањето за подобрување на истражувачкото новинарство. Не сакаме никој да мисли дека Владата прави некакви ограничувања“, рече на денешната прес-конференција посветена на слободата на медиумите, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски,
Според него, денешниот Меѓународен ден на слобода на медиумите, Македонија го одбележува со медиуми ослободени од какво било влијание, а актуелната власт и во наредниот период ќе се активира во поглед на медиумската писменост на граѓаните. Но, Поповски потенцираше и дека оценката за слободата на македонските медиуми треба уште да се поправи во меѓународните извештаи, и најави и нови проекти за финансирање и на електронските, според примерот на финансиската помош за печатените медиуми.
И министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, по повод празникот, рече дека во изминатите две години е сторено многу во однос на слободата и департизацијата на медиумите, но, и оти тоа не е доволно и дека се неопходни нови напори до целосна реформа на медиумите. Според него, „конечно сите политичари ги тргнаа рацете од медиумите... Ги отстранивме двете забелешки од извештајот на ‘Репортери без граници’, но ова не е доволно. Се надевам дека следната година ќе имаме уште поголеми резултати“.
Манчевски потенцираше и дека е создадена „атмосфера на слобода“, дека минатата година за три пати се намалени нападите врз новинари, како и дека по промената на власта се разрешени сите случаи на напади врз новинари.
И Томислав Кежаровски, единствениот новинар осуден на затворска казна во Европа, во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, поради одбивање да го открие изворот на своот текст во кој ја критикуваше работата на полицијатаи судството, денеска и се обрати на јавноста.
„Јас лично бев жртва на линчот кој го спроведуваше таа власт кон сите оние кои укажуваа на недостатоците во нивното работење. Не успеав да ја избегнам казната, напротив, и покрај мојата невиност, поминав низ долга, тешка и агонична животна епизода.Јас бев колатерална штета на партизираното новинарство, партизираните институции и судство и ‘лекција’ која требаше да ја научат сите оние кои размислуваа и зборуваа отворено без цензура, а против режимот... Денес, конечно, сум слободен човек. Слободно и без притисоци пишувам и зборувам и отворено критикувам. Новинарите се и треба да бидат коректив на власта во една држава, а новинарското перо - најсилното оружје против оние кои ќе заборават дека ја имаат власта за да ги застапуваат интересите на својот народ, а не своите лични интереси“, порача Кежаровски.
По повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во заедничко соопштение, побараа сериозен ангажман на сите релевантни актери околу крупните реформски чекори во медиумскиот сектор.
„Потсетуваме дека клучните системски промени во медиумскиот сектор сè уште не се завршени, меѓу кои се реформите во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор. Освен тоа, комерцијалните медиуми и понатаму се соочуваат со силни предизвици поради малиот и ограничен маркетиншки пазар, што, пак, влијае врз квалитетот на медиумските содржини... Потсетуваме и на потребата од преземање итни мерки во однос на работничките права на новинарите и медиумските работници, имајќи предвид дека половина од нив се без договор за вработување на неопределено време, а особено во сферата на онлајн медиумите. Во таа насока, од институциите на системот очекуваме санкционирање на постојаните прекршувања на Законот за работни односи и обезбедување атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето на работните услови“, се вели во соопштението на четирите организации.
Сепак, на со проблеми оптоварената медиумска сцена во Македонија, во далеку најтешка ситуација се сè поретките печатени медиуми. И тоа, не толку поради причините кои се општопознати и присутни на сите меридијани - технолошката револуција, надмоќта на електронските медиуми и на Интернетот, новите медиуми и сеприсутните социјални мрежи кои ги кренаа на пиедестал „граѓанските новинари“, колку поради специфичните македонски причини: 11-годишното неотчетно владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, притисоците врз печатеното новинарство и следственото гаснење на весниците поради политички закани врз компаниите-коминтенти, чии платени реклами ги одржуваа печатените медиуми на малиот пазар.
Владата на Никола Груевски со притисоци ги затвори во 2011 весниците „Шпиц“ и „Време“, за потоа, низ една крајно контроверзна постапка, од медиумската сцена да бидат избришани изданијата на компанијата „Медиа Принт Македонија“, дневните весници со најголеми тиражи - „Дневник“ и „Вест“, како и влијателниот „Утрински весник“.
Од друга страна и новата власт на СДСМ и ДУИ, го прекина крајно контроверзното финансирање на медиумите, па и на печатените, преку скапите реклами на Владата. Преостанатите весници преживуваат, одложувајќи го секој на свој начин, исчезнувањето од медиумскиот пазар, се повикуваат на странските - канадски, фински или француски искуства, и ја поздравуваат одлуката на власта, делумно да ги субвенцира во работата, пред сè за „покривање на трошоците за печатење и дистрибуција“.
Но, до реални податоци за продадените тиражи и остварените средства од продажбата на рекламниот простор, во Македонија и понатаму тешко се доаѓа, поради веќе „традиционалното“ лажирање на тиражите. Иако во Регистарот на издавачи на печатени медиуми, се евидентирани 23 субјекти, колку и да е драстична, сепак реална е оценката дека за разлика од целиот Балкан, во Македонија како веќе да не се читаат печатени медиуми! Сопствениците на дневните весници ретко излегуваат во јавноста со податоци за реалните тиражи, кои неофицијално, за релевантните дневни весници и на македонски („Слободен печат“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Независен весник“) и на албански јазик („Коха“ и „Лајм“), се под нивото на бројот на продадени примероци на дневните весници на македонски и албански јазик во Македонија, кога таа беше дел од СФР Југославија. Исто така, неофицијално, Македонија уште пред десетина години беше на последното место во Европа, по бројот на продадени дневни весници според бројот на жители.
Управителот на „Независен весник“, искусниот новинар Никос Фрагопулос, долгогодишен дописник на Би-Би-Си и на атинската агенција АНА од Скопје, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, потенцираше дека иако „медиумскиот простор во Северна Македонија сè уште се соочува со многу проблеми, убедливо најтешка е состојбата со печатените медиуми“.
Според Фрагопулос, „на целиот Балкан, ние во Северна Македонија имаме најмалку весници, а и тие се борат за опстанок. Проблемите на прв поглед се исти како и кај сите весници во светот – Интернетот и социјалните мрежи, како и доминицијата на телевизијата, драстично ја намалија читателската публика. Но, кај нас, ситуацијата дополнително ја влошуваат и други фактори. Во весниците речиси и нема комерцијални огласи, а во медиа-плановите на компаниите најчесто и не постои фонд за рекламирање во весниците!“
Весниците бараа помош од државата и околу давачките за вработените, според светските искуства за опстанок на печатените медиуми.
Ставот на Фрагопулос е дека „продажбата на весниците е сведена на минимум и поради дистрибуцијата која едвај опстанува, и поради недостигот на продажни места, но и поради изгубената навика да се купува весник, особено кај младата популација... Весниците се принудени да станат мултимедијални, а од голема помош е и одлуката на државата - делумно да ги субвенционира. Но, оваа ситуација секако се одразува и врз квалитетот на печатените медиуми, затоа што мора да работат со многу мали редакции, што им создава поголеми обврски во споредба со другите медиуми“.
На медиумскиот пазар во Северна Македонија, пред сè, во стотиците портали кои најчесто работат и без наведена сопственичка структура и импресум, а во кои, покрај лажните вести и јазикот на омразата, се шират и дегутантни партиски манипулации и шпекулации, навреди и „лов на вештерки“ во редовите на политичките опоненти, за жал, со години назад, владее хаос.
Во тој контекст, е и сепак, оптимистичкото резиме на новинарот Фрагопулос: „Сепак, она што го нудат весниците во моментов, не може да го понуди ниту еден друг медиум, а тоа се сеопфатни анализи и коментари на актуелните случувања наместо читање наслови, лажни вести и дефокусирање од суштината на темите“.
Facebook Forum