Привремено тело, составено од членови предложени од политичките партии, кое ќе ги контролира медиумите пред изборите, нема да доведе до отворен, искрен и фер политички процес, вели за Гласот на Америка, Тери Мајкел од Центарот за новинарство и политика во Вашингтон.
Според него, каква било медиумска регулација ќе го наруши уставното право на слобода на печат.
„Треба да имате гаранција за слободен печат, како што е загарантирано со Устав. Треба да бидете независни од политичките партии и лидери, и да имате култура на етичко однесување. Но, не можете да имате култура на етичко однесување, ако не сте економски независни од партиите и од Владата“, вели тој.
Мајкел вели дека предлогот за поставување партиски човек на чело на Јавниот сервис, не е е споредлив ниту со првите стотици години во американската историја, кога две партии доминирале со медиумите, но и тогаш не биле под целосна доминација на државата.
„Од почетокот на 1900-та година, имаме повеќе независен печат, бидејќи почувствуваме дека нашиот прв Амандаман, слобода на печат, бара независност од политичките партии. Сепак, во последните 10-15 години, сведоци сме на зголемена пристрасност на медиумите и во Америка. Но, тие не се во сопственост на државата, туку се под влијание на јавноста, која сака да биде наклонета кон демократите, републиканците, либералите или конзервативците. Мислам дека треба да се вратиме на она што го имавме во првите стотици години на нашата прогресивна ера, и да имаме медиуми комплетно независни од државата, поседувани и управувани од приватен сектор, без упад на Владата“, објаснува Мајкел.
На прашањето дали треба да има владино рекламирање во медиумите, тој тврди дека нема независно новинарство со пари од Влада.
„Мислам дека сум многу јасен на оваа тема. Ако сакате слобода на печат, тогаш треба да дозволите говор, кој можеби нема да им се допадне на луѓето. А ако Владата е вклучена во ваков процес на рекламирање, не може да не врши притисок врз печатот“, рече тој.
Вели дека новинарите сами мора да се спротивстават на ваквите решенија, оти во спротивно ги жртвуваат новинарските стандарди.
„Мислам дека треба да најдете новинари кои сакаат да застанат против моќниците, против Владата и политичките лидери. Тоа може да биде опасно. Со години гледаме новинари, кои се убиваат додека известуваат во воени зони. Ова може да биде опасна професија, и затоа треба многу храброст и верба во слободен печат, за да се формира култура на етичко новинарство“, вели Мајкел.
За да избегнат цензура, Мајкел порачува новинарите да не бидат пријатели со политичарите.
„Мојот совет до нив е да бидете независни од политичарите колку можете повеќе. Да не бидете премногу пријателски насочени кон нив, бидејќи тие не се ваши пријатели, ниту вие нивни, ако навистина сакате да имате независни медиуми. Некои новинари мислат дека ако им бидат омилени на политичарите ќе добијат информација, но, ако го правите тоа ја срамите етичката новинарска практика“, убеден е тој.