Строги, отсечни и јасни. Така изгледаат наредбите од Викторија Василевска, поручник и командир на вод во втората гардиска чета на Баталјонот за почести при македонската армија.
„Дел од армијата сум веќе шест години. Четири години како студент на воената академија и две и пол години вработена во баталјонот за почести“, вели Василевска.
Василевска е една од 16-те жени кои се во редовниот состав на Баталјонот за почести, а со кои разговаравме по повод 18ти Август, Денот на македонската армија.
Василевска вели дека тоа што е жена никогаш не ѝ било пречка за напредок и кариера во армијата.
„Секогаш сум сакала да бидам дел од армијата, дел од оваа државна институција, којашто придонесува за државата. Мотив се предизвиците коишто ги носи оваа професија, моќта на самата професија, моќта на униформата“, додава Василевска.
Ана Марија Стаменов, пак, е разводник и професионален војник во истиот баталјон. Има 22 години и вели дека за неа нема никакви пречки да стои мирно долго време и на секакви временски услови.
„Амбиција и желба. Тоа е пред сè. Треба да го има секој војник. Да биде амбициозен, да има желба за тоа што го работи и другото воопшто не е тешко“, објаснува младата Стаменов.
Совет до девојките: Да дојдат, да ни се приклучат во армијата, да бидеме колеги и поголемо семејствоАна Марија Стаменов, разводник
Првата поддршка за да се вклучи во армијата, дошла од нејзиното семејство.
„Ми претставувало едноставно гордост и чест да ѝ служам на нашата татковина, преку нашата армија. Посебно како припадник од понежниот пол, зашто нè нема во многу голем број“, истакнува Стаменов.
Даниела Попоска е водник. Вели дека армијата е место во кое најдобро се реализира себе си.
„Мислев дека ќе се разликувам од машките, од другите колеги. Но, мислам дека нема никаква разлика, униформа е униформа“, посочува Попоска.
Во време кога родовата нерамноправност и родовите предрасуди и натаму се присутни во различни сегменти од македонското општество, припадничките на баталјонот за почести велат дека армијата им отворила можности за напредок.
„Прво бев како командир на вод. Имам искуство и како командир на чета и сега веќе речиси една година сум поставена во штабот, офицер за планирање во баталјонот за почести“, вели поручничката Ѓоргиевска.
Без оглед дали си машко или женско, во армијата сите имаат можност за напредок и кариера. Потребна е посветеност и работа.Поручник Тамара Ѓоргиевска
Поручничката Тамара Ѓоргиевска е веќе пет години во баталјонот, а четири години претходно ги поминала на Воената академија. Вели дека како жена не се почувствувала подредена во армиските структури.
„Има можност за кариера. Исто е, без оглед дали си машко или женско во армијата. Сите имаат можност. Ако си успешен, ако си посветен на работата, мислам дека нема да имаш никаков проблем за да напредуваш во својата кариера“, укажува Ѓоргиевска.
Таа додава и своја визија за во иднина, да биде: „Можеби и прва жена генерал.
Баталјонот за почести е основан врз темелите на Првата гардиска бригада, формирана во 1992 година. Под сегашниот назив, баталјон за почести, функционира од 2012 година, директно под Генералштабот на Армијата.
Во описот за нив стои дека при посетите на странски делегации и државници, припадниците на овој воен состав го оставаат првиот впечаток за Армијата и за државата.
„Одговорност, чест, посветеност. Тие се најбитните работи за да се биде припадник не само на баталјонот за почести, туку и припадник на армијата“, истакнува поручничката Ѓоргиевска.
Со текот на времето се пронаоѓаш самиот себе си таму каде што си и се трудиш да ги исполниш задачите на највисоко нивоВикторија Василевска, поручник
Додека бевме во касарната Илинден, имавме прилика и лично да видиме како изгледаат нивните подготовки. Наредбите ги издаваше поручникот Василевска.
„Секогаш кога влегуваме во нешто ново, постои мала доза на трема или сомневања како ќе се изведе. Но, со текот на времето се пронаоѓаш самиот себе си таму каде што си и се трудиш да ги исполниш задачите на највисоко ниво. Доколку се докажеш и покажеш дека си подготвен да ги завршиш сите задачи нема никаков проблем во однос на тој дел. Сепак ние старешините како командири сме пример за сите останати“, објаснува поручничката Василевска.
Секоја од овие жени професионално си ја извршува задачата. Велат дека поттик за тоа им се токму униформите што ги носат на себе.
„Гордост пред сè. Се чувствувам горда некако. Не знам како да објаснам. Нешто што ме исполнува на некој начин“, вели водничката Попоска.
Кога ја носам униформата се чувствувам горда, ме исполнуваВодник Даниела Попоска
Постојат неколку гардиски униформи, тоа се: таканаречената класична или комитска, стандардната бела униформа и посебната празнична. Но, припадниците на баталјонот често облекуваат и редовни војнички униформи и извршуваат задачи како и секој друг припадник на армиската пешадија.
„Да има обука што е потешка, којашто бара да се носи целосна опрема, оружје на нас. Исто и од гардиската обука должиме „паповки“ (н.з. церемонијални пушки), и со нив претставуваме задачи. Но, со вежбање и со напорна работа не е ништо тешко да се оствари“, вели гардистката Стаменов.
Жените во овој баталјон се категорични дека повторно би го направиле истиот чекор и би ѝ се придружиле на армијата. Упатуваат и пораки до девојките, што се двоумат или се соочуваат со родови предрасуди, да го следат нивниот пример:
„Доколку се спремни да ги извршат сите задачи и сè што се бара од нив, да не се двоумат, бидејќи сме прифатени еднакво како и сите останати“, вели поручничката Василевска.
„Кој ја сака униформата, нека си аплицира, нека си дојде и тоа е тоа“, додава водничката Попоска.
„Ако имаат желба и амбиција, да дојдат, да ни се приклучат на нашата армија и да бидеме утре колеги и поголемо семејство од тоа што сме денес“, додава Стаменов.
„Ги охрабрувам сите девојки кои имаат желба, имаат љубов, да се пријават без да се плашат. Армијата нуди доста добри можности за унапредување на сите, и за мажи и за жени“, нагласува поручничката Ѓоргиевска.
Facebook Forum