Линкови за пристапност

Нова спомен-плоча за Мара Бунева


Mara Buneva Commemoration
Mara Buneva Commemoration

Под силно полициско обезбедување, македонски граѓани кои се декларираат како етнички Бугари и гости од Бугарија поставија ново обележје за контроверзната тетовка.

Со панихида во црквата „Свети Димитрија“ и со поставување нова спомен-плоча за Мара Бунева, стотина граѓани од Македонија кои се декларираат како етнички Бугари, членови на Бугарскиот културен центар од Скопје и гости од Бугарија - од Ќустендил, Софија и Дупница, главно членови на бугарското ВМРО, денес ја одбележаа годишнината од настанот од пред 86 години, кога на кејот на Вардар во Скопје, на 13-ти јануари 1928-ма година, тетовката Бунева, која во одделни кругови во Бугарија се слави како бугарска хероина, извршила атентат врз функционерот на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, Велимир Прелиќ, по што се самоубила.

Целиот настан се одвиваше под силно полициско обезбедување.

По панихидата во црквата во која беа запалени свеќи, учесниците на одбележувањето поставија нова плоча на Бунева со натпис: „Во сеќавање на Мара Бунева, херојски загинала во борба со српскиот окупатор“; со едноминутно молчење на колена и` оддадоа почит на Бунева;

извикуваа „Бугари јунаци!“ и пееја песни, меѓу кои имаше и такви кои во Македонија се сметаат за македонски, а во Бугарија за бугарски песни.

Досегашните поставени плочи редовно беа кршени, истиот ден или утредента, најверојатно од лица кои сметаат дека Бунева не ја застапувала македонската кауза и дека како сторител на терористички чин не би требало да има плоча во Скопје.

И годинава, учесниците на одбележувањето од Македонија и Бугарија, ги дочека транспарент од другата страна на Вардар: „Своја историја немате, туѓи херои славите“, но се` се заврши во мирна атмосфера.

Според претседателот на Бугарскиот културен центар, Лазар Младенов, „сите претходни години плочите беа кршени од неразјаснети причини засега. Ако може да прифатиме туѓи владетели да се издигаат во Скопје, зошто да нема за една тетовка, која го дала животот за Македонија. Направија споменик на Тодор Александров, која е логиката да не се направи споменик на Бунева, или на Ванчо Михајлов? Идеолошка разлика меѓу нив нема“, рече Младенов, според кого, „ако може (да има – н.з) споменик на цар Душан во центарот на Скопје, зошто да не се постави споменик на тетовката Бунева“.


Во медиумските најави за настанот од обете страни на границата, минатата недела беше истакнувано дека поменот за Бунева ќе биде нов предизвик за македонско-бугарските односи, а во дел од бугарските медиуми беа објавувани провокации дека панихидата ќе се одржи во „бугарската црква Свети Димитрија во Скопје“.

И покрај тоа, Скопската епархија на МПЦ-ОА, како и секоја година, позитивно одговори на барањето за панихида.

„Црквата нема право да одбие такво барање. Наша задача е да се молиме за секого. Ние немаме право да судиме за минатото, за политиката. Нас тоа не не` интересира. Црквата е над секоја политика, над секоја партија, над секоја нација. Се разбира дека не сме радосни поради политизацијата на овој настан, не сме радосни некој овој храм да го нарекува „бугарска црква“, но наша задача е за секој христијанин да постапиме исто. Црквата христијанска е за сите“, соопштија од МПЦ-ОА.

XS
SM
MD
LG