Линкови за пристапност

Хакери се одмаздуваат за блокирање на Викиликс


Хакери се одмаздуваат за блокирање на Викиликс
Хакери се одмаздуваат за блокирање на Викиликс

Групата што самата се нарекува „Анонимна“ презеде одговорност за блокирање на страницата на МастерКард во рамки на операцијата „Мило за драго“

Група хакери започна со Интернет-напади врз бизниси кои прекинаа врска со Викиликс, во очигледен знак на одмазда за апсењето на водачот на организацијата Џулијан Асанџ.

Групата што самата се нарекува „Анонимна“ презеде одговорност за блокирање на страницата на МастерКард во рамки на операцијата „Мило за драго“. Компанијата за кредитни картички понеделникот објави дека нема да процесира донации за Викиликс. Викиликс е под растечки притисок поради објавувањето на доверлици американски дипломатски телеграми.

Хакерите, или „хактивисти“, како што самите се нарекуваат, ја нападнаа и швајцарската банка ПостФајненс, која претходно ја затвори сметката на Асанџ.

Австралискиот министер за надворешни работи Кевин Рад, пак, ги обвини САД, а не Асанџ, за објавувањето на телеграмите во јавноста.

Рад изјави дека лицата кои првично ги обелодениле документите се правно одговорни за нивната дистрибуција на Интернет-страницата на Викиликс. Тој рече дека протекувањето на вакви информации во јавноста укажува на проблеми со американската безбедност.

Асанџ вторникот се предаде на полицијата во Лондон, но му беше отфрлено барањето да се брани од слобода со кауција. Тој се обидува да избегне екстрадиција во Шведска, каде властите го бараат за да го испрашаат во врска со сексуален престап.

Шведскиот обвинител Мариан Нај вели дека истрагата не е поврзана со Викиликс и дека нема намера да го предаде Асанџ на САД доколку биде испорачан во Шведска.

Американски официјални лица вторникот рекоа дека кај некои странски влади веќе започнала да расте недовербата кон САД поради тајните што ги објави Викиликс.

Една од најновите објавени телеграми цитира американски дипломат во 2009-та, дека Либија користела „насилнички“ закани против Британија доколку Либиецот Абдел Басет ал-Меграхи, осуден за бомбашкиот напад во авион на Пан Ам над Локерби во 1988-ма, во кој загинаа 259 патници и 11 лица во Локерби, почине во шкотски затвор. Повеќето од патниците беа американски граѓани.

Неговото ослободување минатата година предизвика напнатост во односите меѓу Вашингтон и Лондон.

XS
SM
MD
LG