Охриѓани со голема изненаденост, жалење и сочувство кон блиските ја примија веста од Флорида, САД, за загинувањето на младата сограѓанка Зорана Лебедиќ, која неделата беше погодена од истрел на огнено оружје.
Зорана, фармацевт по професија, во САД престојувала половина година со цел да добие лиценца за работа во Скиентолошката црква. Со сопругот, исто така охриѓанец, живееле во Скопје, а за три недели требало да се врати во Македонија.
Нејзиното убиство и понатаму е тема на разговор меѓу охриѓани, дотолку повеќе што се работи за две познати семејства – од кое потекнува Лебедиќ, и во кое беше мажена.
Нејзиниот татко беше познат лекар, а се омажи во исто така познато, старо охридско семејство на интелектуалци, стопанственици и политички работници.
Зорана живееше во центарот на Охрид, во една кула во близина на хотелот „Палас", наспроти некогашниот Полигон за мали спортови. На истиот кат, први комшии и` беа од семејството Гручеви. Главата на семејството, Андон Групчев, поранешен стопанственик, сега пензионер, вели дека е изненаден и шокиран од веста за погибијата на Зорана.
„Живеевме како едно семејство. Зорана беше ќерка-единка во семејството на нашите комшии и пријатели, семејството Лебедиќ. Другаруваше со моите деца, од кои на едното и` го спаси животот токму таткото на Зорана, Владо, од бизарно загушување со семка од тиква. Болката е поголема и поради тие спомени“, вели Андон.
Групчев објаснува дека Зорица, по смртта на татко и` Владо, доаѓала да и` помага на мајка си, неподвижна поради болест. Потоа мајката ја однеле во Битола, кај нејзини браќа, така што во станот немало никој.
„Доаѓаше Зорана налето и преку зима во станот, повремено се гледавме. Доаѓаше и дома да се види со моите деца, нејзини другарки, иако две години беше постара од нив. Беше неверојатно воспитана и културна. Не пропушташе да праша - Како си чичко Андон? Ќе ја носиме во најубав спомен, со болка што повеќе не можеме да ја видиме“, вели со тага охриѓанецот и нејзин прв сосед Андон Групче.