Линкови за пристапност

Зоран Заев - нов претседател на СДСМ


Порача дека СДСМ е единствената партија која може да ја понесе Македонија кон подобро утре

Зоран Заев е избран за нов претседател на најголемата опозициска партија, Социјалдемократскот сојуз на Македонија (СДСМ).

Заев беше избран на 14-от конгрес на партијата кој се одржа вчера во Скопје, на кој ја доби довербата на 395 од 705-те делегати.

Противкандидати беа Зоран Јовановски, кој доби 137 и Кире Наумов - 15 гласови. Игор Ивановски вчера се откажа од трката за лидерската позиција.

Досегашниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски на конгресот не ја прифати кандидатурата од Иницијативниот одбор кој поднесе 30.000 потписи за негова поддршка.

Заменик-претседател ќе биде Радмила Шеќеринска, која Заев ја предложи уште со обелоденувањето на неговата кандидатура за лидер на партијата.

„СДСМ е единствената партија која може да ја втурне Македонија кон подобро утре, кон понадежна иднина, кон посреќни граѓани. Токму од таа причина најавувам дека од денеска партијата почнува со сите неопходни активности за да ја испочитуваме надежта која што граѓаните ја имаа сите овие денови со вперени очи кон нас. Ќе работиме максимално во интерес на државата, ќе работиме максимално во интерес на граѓаните на Република Македонија“, изјави Заев по изборот.

Досегашниот претседател Бранко Црвенковски во обраќањето на почетокот на Конгресот укажа дека на партијата и` треба нова сила и дека неговото повторно кандидирање би било грешка. Тој рече и дека ги прифаќа сите порази. Од новото раководство побара единство и поголема ефикасност.

„Само Господ знае колку сакав да Ве донесам на власт, но моите политики не добија поддршка“, рекол Црвенковски пред делегатите.

Досегашниот потпретседател на партијата Зоран Јовановски, кој не успеа да го освои потребното мнозинство на конгресот за кандидатурата за претседател, денес му ја честиташе победата на Заев. Тој се повлекува од сите раководни структури на СДСМ и се враќа на професионалниот ангажман.

Вчера пред почетокот на конгресот на СДСМ, владејачката ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција. Претседателот на партијата и премиер Никола Груевски рече дека не очекува промени во СДСМ по изборот на нов челник на партијата.

„Кој и` да биде избран, Бранко Црвенковски ќе биде во позадина на политиката на партијата“, коментираше Груевски непосредно пред конгресот.

СДСМ е формиран на 21-ви април 1991-ва. Во изминатите години, претседател на партијата со најдолг стаж е Бранко Црвенковски, но на чело кусо време беа и Владо Бучковски и Радмила Шеќеринска.
XS
SM
MD
LG