Одбранбената соработка меѓу САД и Македонија доби потврда за време на посетата на министерот Бесими, кога Собранието на Вермонт усвои резолуција за партнерството меѓу Националната гарда на оваа сојузна држава и Армијата на Република Македонија во изминатите 17 години.
За македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими, таа дава политичка поддршка и тежина на ангажманот на АРМ со Националната гарда од Вермонт во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан.
„Во самата резолуција се спомeнува заедничката соработка во меѓународните мировни мисии, што претставува една уникатна можност - припадниците на АРМ заедно со Националната гарда на Вермонт да учествуваат на заеднички мисии како едно, под една команда“, вели Бесими.
Командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајорот Мајкл Дуби за Гласот на Америка коментира дека армиските односи се беспрекорни: „Имаме цврсти односи меѓу САД и Македонија на многу нивоа на соработка, корисни и за нас, и за Македонија“.
Дуби им верува на македонските војници во Авганистан – како на своите: „Согласно сите стандарди, македонските војници покажуваат извонредна подготвеност во Авганистан, но и претходно, во рамки на коалиционите сили во Ирак. Освен што се добри војници, тие се и докажани членови на тимот“.
Бесими со гувернерот на Вермонт, Питер Шумлин ги разгледа не само можностите во одбраната, туку и во цивилниот сектор.
Пратеници од обете партии во Собранието на Монпеље на средбата со Бесими порачаа дека очекуваат, освен на армиски, соработката да се продлабочува и на економски, културен и образовен план.