Линкови за пристапност

Жестоки реакции на пресудата за новинарот Кежаровски


За специјалниот претставник на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ, таа е претерана и испраќа јасна порака за цензура до останатите новинари во земјата

Од една до пет и пол години затвор добија осумтемина обвинети во случајот „Ликвидација“. Кривичниот суд во Скопје, по двомесечен процес, и по речиси пет месеци минати во притвор, денеска ги соопшти пресудите за обвинетите, меѓу кои обвинители, адвокати, судии и новинар, на кои им се судеше за неколку кривични дела, како примање поткуп, злоупотреба на службената положба и на овластувањата, неовластено давање информации и податоци за сведоците-соработници на правдата, поврзани со три судски предмети, што се воделе во Основниот суд во Велес. Најголемиот дел обвинувања се однесуваа на случајот со нарачаното убиство во велешко Ореше, но и за случајот „Франкфуртска мафија“.

Висока казна од четири и пол години затвор судот му изрече на Томислав Кежаровски, новинар на „Нова Македонија“, бидејќи според пресудата, тој во 2008-ма во два последователни броеви на ревијата „Репортер 92“ го открил идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“. Само адвокатот Валентин Зафиров доби повисока казна од него - пет и пол години. Судот не ги прифати барањата на адвокатите, сега осудените да бидат пуштени во домашен притвор се` до правосилноста на пресудата. Единствено тројца од нив, чии казни се од една до една и пол година затвор, денеска заминаа дома.

Кежаровски ја дочека пресудата со солзи.

Ве молам, ослободете ме, бидејќи условите во притвор се ужасни
Томислав Кежаровски
“Ветувам дека нема да бегам.
Ве молам, ослободете ме, бидејќи условите во притвор се ужасни“, им се обрати на судиите пред заминувањето од судницата.

Како „скандалозна, со ништо непоткрепена и без преседан во европското правосудство, и како уште една шајка во ковчегот на веќе погребаната слобода на изразување во Република Македонија“, пресудата за Кежаровски ја оцени Иницијативниот одбор за него ослободување.

„Ваквата неразумна пресуда и драконска казна претставува конечна пресметка со слободата на медиумите, слободата на јавното изразување и директна порака до македонските новинари кои ќе се дрзнат да истражуваат и пишуваат за злоупотребите на власта и моќта - дека ги чекаат сигурни решетки. Се надеваме дека оваа срамна пресуда ќе ја разбуди свеста на демократската и слободарска јавност во Македонија, од која очекуваме поддршка со заеднички акции да ја вразумиме судската и политичката власт во Македонија“, се вели во писмената реакција на Одборот.

„Со оваа одлука, Судот не го осуди само новинарот Кежаровски, туку е вперена против слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Со тоа, Македонија стана единствена земја во Југоисточна Европа со осуден новинар заради напишан текст за злоупотреба на институтот заштитен сведок“, реагираше Здружението на новинарите на Македонија.

Судот место да го заштити јавниот интерес, застана на страната на злоупотребата, која после ова пресуда доби и судска заштита
Насер Селмани, претседател на ЗНМ
Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, „судот место да го заштити јавниот интерес, застана на страната на злоупотребата, која после ова пресуда доби и судска заштита“.

„Пораката е многу застрашувачка: секој новинар што во иднина ќе открие злоуптреба на власта, ќе заврши во затвор. Ваквото заплашување нема да успее затоа што секој добар новинар во Македонија би го направил тоа што го направи Кежаровски. Сите ние сме Кежаровски“, рече Селмани.

Како неочекувано строга, особено во споредба со другите изречени пресуди во случајот, пресудата за новинарот Кежаровски ја оцени и Македонската асоцијација на новинари (МАН). За нив, „произлегува дека сторителите на делото и изворот на информациите за заштитениот сведок се безмалку невини во однос на новинарот кој го објавил идентитетот“, се наведува во соопштението на МАН.

„Ужасната сум од денешната пресуда, оваа претерана пресуда е загрижувачки развој на настаните, и испраќа јасна порака за цензура до останатите новинари во земјата“, изјави Дуња Мијатовиќ, специјалниот претставник на ОБСЕ, реагирајќи на пресудата за Кежаровски. Според неа, денешната пресуда има сериозни последици за слободата на изразувањето и слободата на медиумите, бидејќи „обвинувањата против новинарот за неговите новинарски активности ги прекршува фундаменталните човекови права и слободата на изразувањето, како и заложбите на земјите-членки на ОБСЕ за развивање и заштита на слободните медиуми“.


„На новинарот Томислав Кежаровски му се пресуди зошто ја истражуваше засега недоволно разјаснетата смрт на сопственикот на весникот „Фокус“, Никола Младенов“, изјави пред судот адвокатот на Ивица Ефремов, кој е исто така дел од процесот „Ликвидација“

„Не се познавав претходно со Кежаровски, се запознавме во судница. Единствената причина за која тој смета зошто е оваа хајка против него, е неговото истражување за смртта на новинарот Никола Младенов“, тврди адвокатот Андреа Радиновски.

Опозицијата во Парламентот денеска побара прекин на седницата, во знак на протест поради пресудата за Кежаровски. Пратеникот на НСДП, Горан Мисовски, од говорницата рече дека е донесена уште една монтирана пресуда од власта.
XS
SM
MD
LG