Линкови за пристапност

Меѓународните организации и случајот Кежаровски


Четири организации потписници на заеднички апел бараат ослободување на македонскиот новинар.

„Ова апсење е замислено со цел да го заплаши како Томислав Кежаровски, така и други македонски новинари, и претставува грубо кршење на слободата на изразување. Апсењето на новинар затоа што го остварува неговото уставно право да ја информира јавноста, не е само нелегално, туку и целосно некомпатибилно со европските стандарди. Затоа, ние потписниците на овој апел, ги повикуваме Делегацијата на ЕУ и другите меѓународни агенции, како што е мисијата на ОБСЕ во Скопје, да посветат внимание, да го задржат вниманието на македонската јавност на овој случај и јавно да повикаат за негово ослободување“, стои во заедничкото соопштение на четири меѓународни организации, кои го осудуваат притворањето и третото продолжување на притворот на македонскиот новинар Томислав Кежаровски кој веќе четврти месец минува зад решетки и бараат негово итно ослободување.

Репортери без граници од Германија, Центарот за слобода - Цивил, Мрежата за известување за Источна Европа – НОСТ и Балканската истражувачка репортерска мрежа – БИРН, сметаат дека „држењето во притвор на новинарот Кежаровски е незаконско, непотребно и диспропорционално“.

Новинарот на скопскиот весник „Нова Македонија“, кој беше уапсен во спектакуларна акција на маскирани специјални полициски сили во неговиот дом, е обвинет за објавен текст во друг всник, уште во 2008, во кој наводно го открил идентитетот на заштитетн сведок во случај на наводно нарачано убиство. Иако и денес е спорно дали сведокот воопшто имал статус на загрозен или заштитен сведок, и иако и самиот сведок пред судот признал дека под полициски притосок дал лажен исказ, по што обвинетите кои ги теретеше беа ослободени, на новинарот Кежаровски притворот му беше продолжен за уште 30 дена на 24 август, откако како недоволна беше одбиена гаранција за негово ослободување даден во недвижнина од негововото семејство, со образложение дека може „да избега од земјата“.

Како новинар на „црната хроника“, пред апсењето, Кежаровски ја истражуваше контроверзната смрт на сопственикот и уредник на независниот неделник „Фокус“, Никола Мкладенов.

За петок е закажано ново рочиште на Кежаровски и на уште седумтемина обвинети во „Случајот Ликвидација“, но порталот „Дума“, од перото на еден од поискусните новинари кои ги следат состојбите во македонското судство, од свои извори, објави дека судењето набрзо ќе заврши, зашто, на 15 септември, наводно судијката Дијана Груевска-Илиевска заминува на едномесечна обука во САД. Така, за да нема ново судење од петок со нов судија, се претпоставува дека актуелната судијка ќе ги изрече и пресудите.

Во петок треба да се сослушаат преостанатите сведоци, да се изведат материјалните докази, меѓу кои се и видео-снимките од следењето на обвинетите и транскриптите од нивните прислушувани разговори, за потоа да се пристапи кон завршните зборови.

Во меѓувреме, новинарот Кежаровски, според текстот и дневниот коментар во неговиот матичен весник „Нова Македонија“, од поудобните, таканаречени „хашки ќелии“ во истражниот затвор Скопје, е преместен во старите ќелии.
„И покрај тоа што прима терапија за желудникот, а има и сериозни проблеми со видот, Кежаровски е пренесен во старите ќелии, во кои нема никакви услови за престој. Таму Кежаровски од утро до вечер е во мрак, сѐ уште не му е обезбедено целосно правото на прошетка во затворскиот круг, па така цел ден го поминува во темница, што се одрази и на неговиот вид“, пишпува денес „Нова Македонија“, повикувајќи се на затворски извори.

Во коментарот пак, „Прости им Боже, не знаат што прават!“, авторката Искра Опетчевска, го коментира досегашниот контроверзен тек на судењето во „Случајот Ликвидација“ , го критикува тонот во писмото на премиерот Никола Груевски упатено до ОБСЕ, како одговор на претставничката на ОБСЕ за медиумите, Дуња Мијатовиќ, и потенцира дека „граѓаните и новинарите од премиерот бараат тој и неговата Влада да создадат правна рамка во која правото и правдата ќе функционираат беспрекорно, а граѓаните ќе веруваат и ќе го чувствуваат тоа. Да, меѓу нив се и новинарите кон кои има иста одговорност како и пред сите други, да им ги обезбеди сите услови за непречено функционирање на слободата на изразувањето“.

Коментаторката за враќањето на новинарот во старите ќелии, вели „посимболичен доказ за мракот во кој функционира новинарството нема ниту на кино“.
XS
SM
MD
LG