Линкови за пристапност

Западот повикува на директни разговори Русија-Украина


Наведува дека се од клучно значење за решавање на кризата во украинскиот регион Крим

САД, Британија и Украина повикаа на директни разговори меѓу Украина и Русија, велејќи дека се од клучно значење за решавање на кризата во украинскиот регион Крим.

Американскиот државен секретар Џон Кери и колегите од Британија и Украина денес издадоа заедничка изјава со вакво барање по средбата во Париз. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров исто така беше во Париз, но тој не учествуваше на средбата на групата земји од Букурешкиот договор. Согласно Букурешкиот меморандум од 1994-та, САД, Британија и Русија тогаш се согласија да го поддржат територијалниот интегритет на Украина.

Во заедничката изјава, Вашингтон, Лондон и Киев побараа итно распоредување на меѓународни набљудувачи во Украина, особено во источниот дел на земјата и на Крим, во близина на границата со Русија.

Стејт департментот соопшти дека Кери одвоено се сретнал со Лавров и го повикал да започне разговори со новиот колега од Украина, преодниот министер за надворешни работи Андреј Дешчејца. Британскиот секретар за надворешни работи Вилијам Хејг претходно изјави дека САД и Британија бараат „секаква дипломатска можност“ руските и украинсите претставници да остварат контакт.

Хејг рече дека ќе има „цена и последици“ за Русија доколку не дојде до дипломатски напредок. Тој смета дека Русија е свесна дека нејзините интервенции во Украина, Грузија и Молдова ќе влијаат на односите со европските земји.

Рускиот претседател Владимир Путин, пак беше цитиран дека не сака политичката напнатост меѓу Русија и Украина да биде на сметка на економската соработка меѓу двете земји.

Западните водачи повикуваат на намалување на напнатоста и укажуваат дека кризата би можела да се реши доколку Русија ги повлече своите сили во базите на Црното Море и дозволи да дојдат меѓународни набљудувачи.

Но, Лавров денес кажа дека не може да им нареди на проруските сили на Крим, што ги опиша како сили за самоодбрана, да се вратат во базите, бидејќи не се руски сили. Исто така, додаде дека да им се дозволи на меѓународните набљудувачи да бидат на Крим не е одлука на Русија, туку на украинските власти и властите во Крим.
XS
SM
MD
LG