Линкови за пристапност

Сепаратистите во источна Украина не се откажуваат од референдумите


Наведуваат дека гласањето за отцепување ќе се одржи на 11-ти мај, и покрај повикот на рускиот пртетседател тоа да се одложи.

Проруските милитанти во источна Украина најавуваат дека ќе одржат референдуми за создавање на таканаречени народни републики, и покрај повикот на рускиот претседател Владимир Путин да се одложи гласањето.

Претставници на проруските сепаратисти во областите на Донецк и Луганск денес соопштија дека референдумите ќе се одржат како што беше претходно планирано, во недела, на 11-ти мај.

Руската државна новинска агенција РИА новости го цитираше Денис Пушилин, водачот на самопрогласената Донетска Народна Република, дека на референдумот граѓаните ќе гласаат со „да“ или „не“ за тоа дали поддржуваат прогласување на независност на Републиката.

И жителите на Луганск ќе одговорат на исто прашање, но за Народната Република Луганск.

Засега не се знае дали сепаратистите ќе успеат да го организираат гласањето ширум регионот. Неодамнешна анкета покажа дека 70% од жителите на источна Украина сакаат да останат во рамки на земјата.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера предложи сепаратистите да го одложат гласањето за да се создадат услови за, како што кажа самиот, дијалог меѓу нив и украинската влада. Исто така, тој за првпат сугерираше дека украинските претседателки избори, закажани за 25-ти мај, а што досега беа на мета на критика на Кремљин, се „потег во вистинската насока“. Нешто подоцна истиот ден, портпаролот на Кремљин, Дмитриј Песков, кажа дека со месеци долгата украинска криза би можела да заврши и претседателските избори да станат легитимни доколку владата во Киев, во замена за одложување на референдумите за отцепување, прекине со армискиот притисок врз упориштата на сепаратистите во источна Украина и започне разговори со нив.

Претседателот на Украинскиот совет за национална безбедност и одбрана, Андриј Парубиј, денес најави дека владата ќе продолжи со армиската офанзива против сепаратистите.
XS
SM
MD
LG