Линкови за пристапност

Ромите во Македонија - меѓу декларациите и предрасудите


Дента кога Васка Бајрамовска - Мустафа, стана првата Ромка - заменичка на народниот правобранител во Македонија, медиумите јавија дека влезот за Ромите бил забранет во новоотворениот скопски Аква-парк.

„Да се биде заменик-народен правобранител, исто како и народен правобранител, претставува чест, предизвик, но и голема одговорност, особено ако си од етничка заедница која не припаѓа на мнозинството. Се надевам дека во едно мултиетничко општество, како што е Република Македонија, успешно ќе ја извршувам оваа работа и ќе ја оправдам довербата што ми е дадена“, изјави Васка Бајрамовска - Мустафа, една од седумте нови заменици на омбудсманот кои вчера дадоа свечени изјави во Собранието пред својот надреден, правобранителот Иџет Мемети, и пред собранискиот претседател Трајко Вељаноски.

Од замениците кои положија свечена заклетва, покрај Барјамовска - Мустафа, која седум години работела како државен советник во Одделението за заштита на деца и на лица со посебни потреби во Канцеларијата на правобранителот, и Елена Ѓоргоноска Маневска, Насер Весељи, Ирина Стојановска, Васил Јовановски, Славчо Тимов и Даут Селими, шестмина ќе ги раководат регионалните канцеларии, а еден ќе биде заменик во Скопје.

Според правобранителот Мемети, неговите нови заменици ќе помогнат во решавањето на се` поголемиот број претставки за заштита на човековите права и слободи, зашто 2012-та била година со најголем број претставки досега.

„Мислам дека успеав овие три месеци, пред да дојде до изборот, да консултирам поголем круг луѓе за да дојдам до раководители на подрачните канцеларии, се` со цел - поквалитетна заштита на човековите слободи и права“, рече Мемети, според кого номинациите и направениот избор на кадри се плод и на политички консензус.

Паралелено со веста која значи своевидно охрабрување за положбата на Ромите во Македонија, дел од медиумите јавија и дека вторникот, во новоотворениот Аква-парк во Скопје, не им бил дозволен влез на неколкумина млади Роми, со наводно образложение од вработените дека претходните денови „некои Ромчиња дивееле во објектот“. По реакцијата на таткото на едно од девојчињата на кое не му бил дозволен влез, кој постави прашање дали доколку оние кои дивееле биле етнички Македонци - и за Македонците би бил забранет влезот, дискусијата се префрли на социјалните мрежи, каде реагираа поединци, но и невладини организации, осудувајќи ја ваквата постапка.

Реагираше и Комисијата за заштита од дискриминација, која најави проверување на објавените информации за етнички мотивираната забрана за влез во објектот.

„Комисијата веднаш презеде мерки за расветлување на настанот и во најбрз можен рок ќе ја информира јавноста за исходот од преземените активности во утврдувањето на дискриминација. Постапувањето за утврдување на евентуална дискриминација ќе се третира итно и со висок приоритет, особено поради фактот дека и во минатите години имало случувања и индиции дека оваа група на наши граѓани се доведуваат во положба на нееднаков третман, така што, случајот во Аква-парк, внимателно (впрочем како и сите останати) ќе биде разгледан и третиран“, стои во соопштението на Комисијата.

Реагираа и младинците од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ), според кои ваквата постапка е „во спротивност со принципите за еднаквост и недискриминација, кои се темел на нашиот уставен поредок. МОДОМ го осудува дискриминаторскиот и ксенофобичен однос на неколку индивидуалци кои ги погазиле тие принципи“.

Младите од ДОМ повикаа на отфрлање на предрасудите за „да дишеме слободно“

Во март, по скандалот во скопскиот Сити мол, кога според фирмата која ја одржувала хигиената, раководството на новиот трговски центар без образложение побарало да се отстранат сите работници од ромска националност од Одделот за храна, реагираа Европскиот центар за правата на Ромите - ЕРРЦ, а за случајот се заинтересираа и Хелсиншкиот комитет, народниот правобранител и Министерството за труд и социјална политика. Раководството ги демантираше обвинувањата за прекршување на Уставот, на Законот за заштита и превенција од дискриминација, на Законот за работни односи, како и меѓународните стандарди за човекови права, но активисти од невладини организации, одржаа мирен протест под мотото „И јас сум Ром!“.
XS
SM
MD
LG