Работната група утре ќе го отвори прашањето за специјалниот јавен обвинител, а од следната недела, најверојатно, ќе следува пауза во преговорите, се` до крајот на летниот одмор на 10-ти август. По дискусиите зад затворени врати за изборниот пакет, за коишто јавноста не доби официјални информации ниту од македонските политичари, ниту од посредниците во преговорите за надминување на политичката криза, претставниците на четирите најголеми партии-потписнички на т.н. Договор од Пржино, сега ќе треба да разговараат за чувствителното прашање за изборот, но и за овластувањата и надлежностите на специјалниот јавен обвинител којшто од септември треба да ја истражува мега-аферата „Прислушување“ и аферата „Пуч“ во којашто е осомничен водачот на опозицијата Зоран Заев.
Најпрвин треба да се изнајде заеднички јазик меѓу партиите за законските измени за ингеренциите и обврските на специјалниот обвинител, што е една од точките на протоколот на Договорот од Пржино. Иако министерот за финансии Зоран Ставрески веќе најави дека има обезбедено средства за новата функција и дека "во вакви случаи се алоцираат средства од буџетските резерви", македонските стручњаци веднаш реагираа дека, сепак, ќе биде многу тешко да се изведе во пракса идејата - новиот специјален обвинител да биде странец. Пред се`, поради тоа што според македонскиот Устав и актуелните закони, носителот на таква функција мора да биде државјанин на Македонија. Но, според дел од стручњаците, евентуално ангажираниот странец би можел да има советодавна функција во обвинителството.
Досега, на македонската јавност не и беше претставен официјален став на преговарачите дали функцијата на специјалениот јавен обвинител ќе биде од времен карактер или ќе биде составен дел од македонскиот правосуден систем, за што би требало да се подготви нов закон. Дел од стручњаците во медиумите веќе реагираа и дека не треба да се дозволат измени на Законот за обвинителство без ставот на актуелните обвинители, како и дека за секоја реформа на организационата структура и постапката што ќе ја води новиот обвинител, треба да се изјаснат луѓето со практично искуство. Од друга страна, без оглед што е се` уште рано да се лицитира со можните имиња за носител на новата функција, тоа е една од топ-темите и дилемите на политичката јавност во Македонија.
Иако не се откриени детали, македонските медиуми, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека преставниците на партиите досега дебатирале за модалитетите за „чистење“ на избирачкиот список, преку активна регистрација со отпечаток од прст на гласачите или преку теренска проверка на изборниот список „од врата на врата“, како и околу спорното прашање за понатамошното гласање на иселениците. Гласањето на иселениците, коишто досега „обезбедуваа“ тројца пратеници во 123-членото Собрание, според медиумските наводи, е спорно од најмалку две причини: нееднаквоста на гласот - пратеник од дијаспората да се избира и со само 900 гласови, а пратеник од Македонија - во просек со 8.000 гласови, како и финансиската нееднаквост, зашто, само за тројца пратеници од дијаспората, според дел од набљудувачите на изборите, се трошат над милион евра, или 25 до 30 проценти од буџетот за избори.
Но, реагираа иселениците. Покрај Обединетата македонска дијаспора од САД, и Македонскиот сојуз во Шведска се изјасни против предлозите за укинување на правото на глас на дијаспората на парламенатарните и претседателските избори во Република Македонија. сметајќи ги таквите предлози за „недобронамерни, кои откриваат директно спротивен пристап во однос на силните декларативни заложби за јакнење на врските со бројната македонска дијаспора“.
„Тоа практично би значело враќање со крупен чекор наназад и би резултирало со непотребно отворање на широк јаз меѓу дијаспората и татковината, а што никому не би му било од полза“, изјави Ивица Челиковиќ, секретар на Македонскиот сојуз во Шведска.