Линкови за пристапност

Здружени против загадувањето!


Под мотото „Излези за воздух“, активисти од неколку градови, како своевиден граѓански крик, протестираа поради енормната загаденост

„И ние сме луѓе, зборуваме на различни јазици, веруваме различно, но и ние сме луѓе. А вие, нé гледате како гласови, како банкомати, како незнајковци и сиромаси. Ве молиме, не ни продавајте магла за да добиете на време, подобро користете го времето за да се справите со маглата. Џабе ги чистите и ги украсувате за Нова година, инвестирајте во нашите градови за во нив да може да се живее. Не нé заморувајте со зборови и со празна реторика, не нé заморувајте со демагогија... Едноставно, направете го тоа што греба да го направите: заштитете ја животната средина, заштитете ја нашата почва, нашата вода, нашите животи!“ извикуваше пред насобраните граѓани, Аријанит Џафери од „Еко герила“ од Тетово, една од организациите, кои попладнево пред Владата во Скопје, го организираа заедничкиот протест на граѓаните од неколку македонски градови, кои се денови се соочуваат со енормно загадување на воздухот.

Аријанит Џафери, „Еко герила“ од Тетово
Аријанит Џафери, „Еко герила“ од Тетово

„Заштитете ги фабриките, прочитајте го Уставот и меѓународните конвенции, инвестирајте во нашата иднина, наместо да се враќате во минатото, ние од Тетово, имаме само едно барање, една порака: „Поставете ги тие проклети филтри на Југохром, па макар биле и барокни!“ Ние само го сакаме нашиот воздух! И за ова наше право ќе се бориме, за животот, за нашите деца, за нашата иднина. Ќе се бориме до крај!“, рече Џафери.

„Ние, здружените иницијативи и организации кои дејствуваме против загадувањето на воздухот во Македонија, сметаме дека е добро што Владата конечно се огласи по однос на прашањето кое алармантно ја засега речиси цела домашна популација, но и дека е жално што Владата е последна која се буди околу загадениот воздух“, прочита водителот Огнен Јаневски, дел од соопштението на активистите за здрава животна средина од Скопје, Битола, Тетово, Кичево и Велес.

На својата вчерашна, вонредна седница Владата расправаше во врска со зголеменото ниво на загаденост на воздухот, и донесе повеќе заклучоци и препораки, меѓу кои, им препорача на сите правни субјекти (работодавачи) во Градот Скопје и Општината Тетово, (каде беше констатирано дека во десет последователни дена, штетните за здравје ПМ-10 честички се над дозволените граници), до 4 јануари да ги ослободат од работни обврски - бремените жени, лицата над 60 годишна возраст со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и лица под 60 годишна возраст со дијагноза астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Владата им препорача на Градот Скопје и на Општината Тетово да ги интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата и го задолжи Државниот инспекторат за животна средина, до 4 јануари да врши секојдневна вонредна контрола во инсталациите кои подлежат на А интегрирана еколошка дозвола и секој ден да доставува извештај до министрите за животна средина и просторно планирање и за здравство.

Порачувајќи дека „децата, бремените жени, болните лица и сите граѓани воопшто немаат вишок денови во своите животи“, здружените иницијативи и организации кои дејствуваат против загадувањето на воздухот во Македонија, денес потенцираа дека немало резултати од досегашните препораки на Владата и побараа спроведување на конкретни активности и мерки, како „обезбедување поевтин и лесно достапен јавен превоз, регулирање на сообраќајот со исклучување на возилата особено во централното подрачје, привремена забрана за возилата кои не поседуваат минимум ЕУРО 4 стандард и дизел возилата, привремена забрана за работа на индустриските капацитети и слични мерки“.

До протестите дојде откако организацијата „За нас се работи“, во Битола со денови протестираше за нивити на загаденоста на воздухот и особено, по протестите на тетовчани кои го блокираа градот, откако во медиумите беа објавени податоци, според кои, само во последните десетина дена загаденоста на воздухот во Тетово и околината достигнала алармантно ниво од 878 микрограми ПМ 10-честички на еден кубен метар воздух, односно 18, па дури и 20 пати повеќе од дозволените концентрации! Жителите на Тетово од 360-те денови во 2015, 336 денови дишеле загаден воздух.

Претставниците на цивилниот сектор на бината пред Владата побараа власта, ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање и локалните самоуправи на загадените градови да бидат максимално транспарентни и секојдневно да ги информираат граѓаните со дневни извештаи за состојбата со аерозагадувањето, а мерките да се спроведуваат по поминати 24 часа со надгранично загадување на воздухот, а не по дури десет последователни дена. Еколозите и активистите, но и стотиците присутни граѓани, ја „потсетија“ Владата дека мора „итно да престане со сеча на зелените површини во урбаните средини, а за досегашното уништување на животната средина да поднесе одговорност пред јавноста и според законот“

Присутните се заканија дека ако Владата не ги прифати нивните барња и не преземе мерки за намалување на загаденоста до 15 јануари, потоа, по примерот на Тетово и Битола, ќе ги блокираат сите градови во кои аерозагадувањето е енормно, и Скопје, но и Кочани, Кичево, Велес, Кавадарци...

XS
SM
MD
LG