Линкови за пристапност

САД: Силното невреме однесе најмалку 17 животи


Милиони жители и натаму без струја

Силното невреме што го погоди источниот брег на САД доцна во петокот навечер е причина за смрт на најмалку 17 лица, а три милиони луѓе се` уште живеат без електрична енергија.

Бурата го зафати регионот покрај високите температури, при што беа скршени дрвја и урнати далноводи. Вонредна состојба беше воведена во Вашингтон и уште четири сојузни држави – Мериленд, Вирџинија, Западна Вирџинија и Охајо.

Декларацијата за вонредна состојба вообичаено ја издаваат гувернерите со цел да се активира Националната гарда и федерални средства за помагање на жителите и санирање на материјалната штета.

Жртви имало во Вирџинија, Њу Џерси, Мериленд, Охајо и Кентаки, најмногу како резултат на паднати дрвја.

Низ регионот има прекин на струја, а официјални лица велат дека ќе бидат потребни неколку денови пред да се врати животот во нормала.

Многу од оние без струја се во области околу главниот град на САД, каде паднати дрвја ги попречуваат улиците. Некои жители имаат добиено задолжителна рестрикција на користењето на вода, а има и упатства за нејзино варење пред употреба во домаќинствата.

Во областа околу Вашингтон, компанијата за обезбедување струја ПЕПКО, објави дека ќе биде потребна една недела пред да обезбеди проток на електрична енергија за 378.000 корисници од главниот град и околни општини. Според портпаролот на компанијата, бурата во петокот создаде проблеми со струјата за 443 000 муштерии.

Портпаролот на компанијата, Кортни Ногас, рече дека околу 800 вработени неуморно работат во повторно обезбедување струја и оти компанијата очекува помош од фирми од Флорида, Џорџија, Мисури, Оклахома и Квебек, кои треба да присигнат денеска за помагање на локалните компании.

Температурите во Вашингтон во петокот достигнаа рекордни 40 степени. Екстремно високите температури ги принудија официјални лица од турнирот во голф во организација на АТ&Т недалеку од Вашингтон да го одложат на неколку часа. Многу установи во понеделник се затворени, а вработените имаат опција да работат од дома или да земат одмор.
XS
SM
MD
LG