Линкови за пристапност

Пешевски: очекуваме инвестиции во енергетиката и инфраструктурата


Пешевски: очекуваме инвестиции во енергетиката и инфраструктурата
Пешевски: очекуваме инвестиции во енергетиката и инфраструктурата

Македонија нуди обучена работна сила, тврди вицепремиерот за економски прашања, во интервјуто за Гласот на Америка

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ја предводеше македонската делегација на синоќа завршениот Бизнис-самит САД - Балкан во Балтимор.

Глас на Америка: Зошто да се инвестира во Македонија, а не, на пример, во другите балкански држави?

Пешевски: Македонија има еден од најповолните даночни режими во светот прогласен од магазинот Форбс - рангирана на 5-тото место во светски рамки. Имаме добра географска поставеност и инфраструктурно поврзување. Сметам дека со инвестициите што ги правиме во делот на образованието ќе имаме една од најдобрите квалификувани работни сили.

Глас на Америка: Во модерен свет со жестока конкуренција од Далечниот Исток, како може Македонија да се наметне на странските инвеститори?

Пешевски: Токму компаниите од Далечниот Исток се голема шанса за Македонија, затоа што со завршување на Коридорот 10 се менуваат трговските рути во Европа. На пример, тогаш наместо да појдете со брод од Далечниот Исток низ Средоземното Море и загубите две недели за да стасате до Германија, каде се наоѓаат главните пристаништа, со Коридорот 10 се отвора една голема шанса за компании кои се бават со логистика и поедноставно производство. Ние сме во фаза на изградба на еден голем логистички центар со учество на американска компанија.

Глас на Америка: Кои македонската економија се најпримамливи за потенцијалните инвеститори?

Пешевски: Тука се инвестициите во делот на енергетиката, инфраструктурата, и, се разбира, сите компании кои имаат производство наменето за европскиот пазар, затоа што во слободните економски зони, во делот на фискалните бенефиции, во делот на инфраструктурата, логистиката, имаме пакет кој е многу конкурентен за било која компанија.

Глас на Америка: Какви се очекувања од промоцијата на Македонија на еден ваков бизнис-форум во Балтимор?

Пешевски: Очекувањата се дека поголем број на инвеститори ќе дознаат за реформите што ги преземаме, шансите кои ги нуди Македонија како инвестициона дестинација, или, едноставно, ќе станеме повизибилни и ќе имаме поголем интерес. Ваквите средби ги користиме и како шанса да поразговараме за регионалните проблеми или да размените мислења за она што може да не` спои, а не да не` раздели.

Глас на Америка: Дали пролонгирањето на решение за спорот за името меѓу Македонија и Грција негативно се одразува врз привлекувањето на странски инвестиции?

Пешевски: Сигурно дека тоа има негативен контекст, но не врз самото името, туку во одолговлекувањето на процесот за влегување во ЕУ и НАТО. Жално е што ќе ги исполните сите критериуми за членство во една организација, а не сме членка поради други политички проблеми. Но, она што им го објаснуваме на инвеститорите е дека она што е создавање на бизнис клима, во делот на владеењето на правото, креирање на соодветна работна сила, го прави сето она што е потребно да се биде дел од ЕУ, а тоа веќе го имаме кај нас - како да сме во Унијата.

XS
SM
MD
LG