Линкови за пристапност

Само во Америка: Телефоните некогаш лажат


Само во Америка: Телефоните некогаш лажат
Само во Америка: Телефоните некогаш лажат

Она што го гледате како идентификација на оној што ве бара, во САД не мора секогаш да е веродостојно

Еден додаток на телефонот изгледаше како револуционерен изум кога беше претставен во 1970-тите – иако денес е фабрички дел од сите апарати – на телефонот да се појави бројот на лицето или организацијата која ве бара. Некои посовршени телефонски системи ги даваат и имињата на повикувачите, заедно со бројот.

Кога ви ѕвони телефонот и ви се појавува идентификаторот со непознат број, може да сакате да го игнорирате, ако не сакате да губите време со таканаречени телемаркетари, кои нешто продаваат, или пак друг вид порака од снимена телефонска секретарка.

Ако повикот е од некој со кого би зборувале, но не го препознавате бројот, се надевате дека личноста ќе ви остави порака, за да може да му се јавите.

Но, има „генијалци“ од областа на телемаркетинг кои дошле до идеја како да го надмудрат идентификаторот на телефонот. Весникот Њујорк Тајмс во неодамнешен извештај вели дека е пронајден начин како да се „маскира“ вистинскиот идентитет на повикот. На идентификаторот можеби пишува дека ве бараат од Одделот за даноци – многу сериозен повик! Малку се таквите што би игнорирале таков повик. Телемаркетари ги пренасочуваат повиците преку Интернет на друга локација, која создава лажен идентитет. Откако пренасочениот повик од друга локација стаса до вашиот телефон, тогаш на телефонот ви се покажува лажен идентификатор.

Вештите манипулатори дури креираат и лажни идентитети како ФБИ со претходно снимени пораки , при што секоја секунда оставаат по илјадници лажни пораки.

Кога државните регулатори се обидоа да го лоцираат изворот на лажните идентификатори, наидоа на електронски лавиринт или непремостлив ѕид. Доколку и успеат да го пронајдат изворот, честопати се работи за странска операција надвор од јурисдикцијата на законите во САД.

Затоа, не зачудува што Американците не сакаат да одговараат на телефони, зашто не знаат кој навистина е на другата страна на линијата.

XS
SM
MD
LG