Претседателот Барак Обама потпиша закон што налага американската влада да посветува поголемо внимание на владите кои толерираат или пак ја прекршуваат слободата на медиумите. Актот за слободата на печатот - Даниел Перл, што Конгресот го усвои минатиот месец, е именуван по репортерот на Вол Стрит џурнал кого го киднашираа и убија терористи во 2002-рата.
Законот му наложува на Стејт департментот во годишниот извештај за почитувањето на човековите права да вклучи детални информации за слободата на медиумите, односно која влада поддржува, толерира, или пак е вклучена во кршење на слободата на медиумите. Покрај тоа, САД ќе ги следат мерките што владите ги презеле за да ја зачуваат безбедноста и независноста на медиумите, како и чекорите за прогон на оние кои нападнале или убиле новинари.
Обама на церемонијата на потпишувањето на законот кажа дека тој испраќа силен сигнал за јадрото на американските вредности во однос на слободата на печатот и за американската поддршка за новинарите ширум светот кои поради работата се изложени на голем ризик.
„Има голем број храбри новинари, блогери, кои без оглед на опасноста во која може да западнат, фрлаат светлина на клучни прашања со кои луѓето се соочуваат во нивните земји; кои се во првите редови во борбата против тиранијата и репресијата“, рече Обама.
Законот налага Стејт департментот во проценката за секоја земја да вклучи нешта како директни физички напади, затварања, индиректни извори на притисок и цензура од страна на владата, армијата, разузнавањето, полицијата, криминални организации и вооружени екстремистички или бунтовнички групи.
На церемонијата во Белата куќа присуствуваа родителите на Даниел Перл, двете сестри, неговата вдовица Мариен и осумгодишниот син Адам Даниел, кој се роди три месеци откако Перл беше убиен додека известуваше за активностите на Ал-Каида во Пакистан.
Обама рече дека смртта на Перл „е потсетник колку е битна слободата на медиумите и не` потсетува дека има луѓе кои ќе сторат се` што можат, само за да ги замолчат новинарите ширум светот“. Законот испраќа силна порака дека САД обрнуваат внимание што прават другите влади кога се работи за слободата на медиумите, подвлече американскиот претседател.