Линкови за пристапност

Распит во Сенатот: Самитот во Чикаго не е за проширување


Но, САД остануваат на “политиката на отворени врати“, кажа Филип Гордон од Стејт департментот.

Виши владини претставници, професори по меѓународно право и одбранбени експерти вторникот во Вашингтон сведочеа на сенатскиот распит „НАТО – Чикаго и по него“.

Средбата во Чикаго од 20-ти до 21-ви мај е прва на американска почва по 13 години. Помошник државниот секретар за Европа и Евроазија Филип Гордон во уводното излагање пред Сенатската комисија за надворешни односи аргументираше дека НАТО е од голема важност за американската безбедност, затоа што повеќе од кога и да е, Алијансата е механизам преку кој САД и сојузниците се справуваат со различни закани по безбедноста, истовремено споделувајќи ги истите вредности на демократијата, човековите права и владеењето на правото.

Како и многупати досега во зачестените трибини пред Самитот на Алијансата, Гордон потенцираше дека САД остануваат на политиката на отворени врати за членство, иако проширувањето нема да биде на агендата во Чикаго.

„Македонија ги исполни клучните критериуми неопходни за членство и учествува во регионалната и глобална безбедност. САД целосно го поддржуваат процесот во ОН под покривителство на посредникот Нимиц. Вклучени сме во процесот и ги повикуваме Македонија и Грција да најдат взаемно прифатливо решение за името, со цел да се исполни одлуката од самитот во Букурешт и да и` се понуди членство на Македонија“, рече Филип Гордон.

Бен Кардин, демократскиот сенатор од сојузната држава Мериленд го праша Гордон како САД планираат да го ублажат евентуалното разочарување на аспирантите поради широкораспространетото чувство за забавеност на процесот. Конкретно, ги спомена Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија и праша како да се одржи нагорна линија во проширувањето.

Гордон одговори дека меѓу членките пред средбата во Чикаго нема консензус за прием на ниту една земја од кандидатите, но дека без оглед на тоа, САД ќе ја изразат својата поддршка во завршното коминике: „Државната секретарка Клинтон ќе присуствува на средбата со министрите за надворешни работи на четирите-земји аспиранти (во кои спаѓа и Македонија, н.з.) при што лично ќе им каже дека политиката на отворени врати останува на сила“

Гордон апелираше на Чикаго да не се гледа како крај на проширувањето, туку само како период во кој Алијансата се фокусира на други приоритети.

XS
SM
MD
LG