Линкови за пристапност

По казната за Кежаровски - лавина реакции


Macedonian journalist Tomislav Kezarovski 1
Macedonian journalist Tomislav Kezarovski 1

Амбасадата на САД смета дека случајот покренал загриженост од аспект на владеењето на правото и и слободни и независни медиуми. Судот, пак, со соопштение коментира на реакцијата на ОБСЕ

Амбасадата на САД во Скопје не коментира директно за пресудата за новинарот на „Нова Македонија“ Томислав Кежаровски, кој вчера во рамките на судскиот процес „Ликвидација“ беше осуден на четири и пол години казна затвор.

Овој случај покрена загриженост во врска со двете од овие прашања, и затоа ние одблиску ќе ги следеме настаните со што би продолжиле да ја поддржуваме Македонија на патот кон евро-атлантската интеграција
Амбасада на САД во Скопје
Па сепак, во соопштението од Амбасадата, објавено на Интернет-страницата на НОВА, стои дека „сепак, наша конзистентна политика е поддршка на Македонија во евро-атлантските аспирации. Двете примарни цели на било која земја со евро-атлантски аспирации се почитување на владеењето на правото, односно непристрасна примена на законот, како и постоењето на слободни и независни медиуми. Ние продолжуваме со ангажманот во спроведувањето на законот во Македонија, како и судството во поглед на нашата заедничка цел на зајакнување на владеењето на правото, и обезбедување на слободни и независни медиуми. Овој случај покрена загриженост во врска со двете од овие прашања, и затоа ние одблиску ќе ги следеме настаните со што би продолжиле да ја поддржуваме Македонија на патот кон евро-атлантската интеграција“.

Со коментар, но на реакцијата на домашните и на странските новинарски здруженија за пресудата на новинарот Кежаровски, денеска се јави и Основниот суд Скопје 1, каде се водеше процесот. Во соопштението, реакциите се оценуваат како „неосновани“ и дека пресудата „не треба да се претставува страв за вршење на професијата, туку да предизвика сериозна загриженост кај новинарската фела за нивото на едуцираност на поедини новинари за законските прописи од аспект на сериозноста на фактите за кои известуваат наспроти во конкретниот случај злоупотребата на новинарското перо во функција на одредени интереси под превезот на јавниот интерес“.

„Кој му го дал на новинарот правото по субјективна оценка да го брани јавниот интерес за нешто за кое државните органи кои го штитат јавниот интерес и ги спроведуваат законите воделе постапка. За судот, конечно останува посебно нејасна и загрижувачка реакцијата на ОБСЕ дека преголемата казна за Кежаровски е загрижувачки развој кој испраќа јасна порака за цензура на другите новинари, при што нејасно останува како од кои причини и на што судот врши цензура при спроведувањето на законот во една демократска држава“, се вели во соопштението од Судот.

Скандалозно е изрекувањето на четири и пол годишна затворска казна за новинарот Томислав Кежаровски, реагираа пратениците од опозициската СДСМ.

Пресудата за новинарот Кежаровски, за опозициската СДСМ е уште една потврда на укажувањата на меѓународната заедница за применување селективна правда во Македонија и влошување на слободата на медиумите и човековите права.

Оваа пресуда има сериозна последица врз слободата на изразување и испраќа јасна порака за цензура насочена кон останатите новинари и медиумски работници
Весна Бендевска, пратеничка
„Загрижувачка е леснотијата со која се изрекуваат вакви пресуди кои ги рушат основните човекови права и слободи, кои креираат нови човечки трагедии а на семејството на Кежаровски му нанесуваат дополнителна животна драма. Оваа пресуда има сериозна последица врз слободата на изразување и испраќа јасна порака за цензура насочена кон останатите новинари и медиумски работници“, изјави пратеничката Весна Бендевска.

Лидерот на Либералната партија Ивон Величковски вчера од собраниската говорница побара аболиција за Кежаровски и потсети дека во европската правна пракса постојат само два случаи на осудени новинари, но не со затворска казна, туку со парична или условна.

Пратеничката Силвана Бонева од владејачката ВМРО- ДПМНЕ, пак, побара да не се мешаат законодавната и судската власт.

За утре, Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски, заедно со Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, организираат протест напладне со молк, пред Музејот на македонската борба за самостојност и државност - симболично, на Денот на македонската револуционерна борба, кој во Македонија се празнува како државен празник.
XS
SM
MD
LG