На мeѓународна донаторска конференција во Кабул вторникот беше поддржан планот на претседателот Хамид Карзаи авганистанските сили да ги преземат безбедносните обврски во земјата од странските сили до 2014-та.
Претставници од преку 60 држави и организации го поддржаа и повикот на Карзаи до меѓународната заедница да пренасочи најмалку 50 проценти од помошта за развој да минува преку авганистанската влада. Од 2001-вата, во Авганистан беа потрошени преку 40 милијарди долари.
Американската државна секретарка Хилари Клинтон пред делегатите порача дека Вашингтон е охрабрен од учинокот на авганистанската влада во унапредување на владеењето и борбата против корупцијата, но оти допрва треба да се заврши голем дел од работата.
Во финалното коминике на еднодневниот меѓународен собир е изразена поддршка за бројни авганистански иницијативи кои имаат цел да и` дадат на државата повеќе контрола врз нејзината безбедност и развој, вклучувајќи го и планот за реинтеграција на талебанските борци кои ќе го положат оружјето, ќе се откажат од Ал-Каида и ќе го прифатат авганистанскиот Устав.