Македонскиот премиер Никола Груевски во рамки на неколкудневната посета во САД попладнево по американско време се сретна со Филип Гордон, помошник државен секретар за Европа и Евроазија, во подготовка за утрешните средби со американскиот потпретседател Џозеф Бајден и државната секретарка Хилари Клинтон, наведуваат извори од македонската делегација.
Предмет на разговорот биле решението на спорот за името што е единствената преостаната пречка за членство на Македонија во НАТО и пристапните преговори со ЕУ.
Актуелната политичката ситуација, парламентарната криза и потребата од меѓупартиски дијалог во однос на последните случувања на скопското Кале нема да бидат одминати како теми на средбата со вишите американски официјални лица, јавуваат медиумите.
Претходно, премиерот Груевски имаше средба со претседателот на Универзитетот Џорџ Вашингтон, Стивен Кнап. Состанокот бил искористен за преземање на искуства во образовниот систем во САД што може да се применат во Македонија, наведуваат извори од делегацијата.
Премиерот Никола Груевски утре во 12 часот по американско време ќе има средба со државната секретарка Хилари Клинтон, а за попладнето е закажана средба со потпретседателот Џо Бајден.
Во македонската делегација, покрај премиерот се и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и шефот на Кабинетот на премиерот Мартин Протуѓер.