Македонскиот премиер Никола Груевски по средбите со американската државна секретарка Хилари Клинтон и потпретседателот Џо Бајден рече дека од американските домаќини добил заложба дека Македонија и Америка имаат долгорочна соработка.
Прашање за кое Груевски оцени дека на средбите му било посветено најмногу време е евроатлантската интеграција на Македонија, неодминливо поврзана со проблемот со името.
„Ставот на Америка е дека Македонија и Грција треба да го решат овој проблем и дека само ние можеме да најдеме решение и дека не треба да очекуваме некој друг да ни го реши тоа прашање и дека треба да останеме фокусирани на тоа. Се разбира, тоа е и наш став. Ќе останеме силно фокусирани на ова прашање“, рече македонскиот премиер.
Портпаролот на Стејт департментот Филип Краули на редовниот брифинг информираше дека на дневен ред биле билатерални и регионални прашања.
„Секретарката на средбата изрази загриженост за трендовите во врска со владеењето на правото, независните медиуми и граѓанското општество. Таа ја повтори нашата надеж дека Македонија и Грција заедно ќе го решат долготрајното прашање за името, за Македонија да може да појде напред во барањето за членство во НАТО и исполнување на своите евроатлантски аспирации“, кажа портпаролот на Стејт департментот.
Краули рече и дека Клинтон истовремено изразила благодарност за македонскиот придонес во мисијата во Авганистан, уважувајќи го фактот дека Македонија е еден од најголемите придонесувачи по број на жители.
Во сличен тон и соопштението од Белата куќа - средбата на Бајден со Груевски ја става во рамки на напорите на американската влада натамошно да ги промовира мирот, стабилноста и просперитетот во Европа. Покрај дискусијата за политичките и економски односи меѓу САД и Македонија, Белата куќа наведува дека потпретседателот ја подвлекол важноста што САД ја даваат на владеењето на правото, слободата на независните медиуми и добрите меѓуетнички односи во Македонија. И Бајден се заблагодарил на Груевски за учеството во Авганистан и изразил надеж дека Македонија и Грција ќе најдат решение за проблемот со името.
Груевски во изјавата по средбите информираше дека разговарал и за, како што наведе, прогресот направен во Македонија во образованието, економијата, неодамнешните чекори преземени во сферата на судството и сегашниот фокус на јавната администрација.
За денес, шефот на македонската влада најави средби со конгресмени кои припаѓаат на неформалната група - пријатели на Македонија, како и посета на Корпорацијата за приватни инвестиции во странство – ОПИК.