Линкови за пристапност

ЕК препорача почеток на преговори за Македонија по петти пат


Побара дозвола од Европскиот совет да отпочне процес на проверка за Македонија, како подготовка за преговорите, нагласувајќи дека проблемот со името треба да се реши во раната фаза на процесот.

Извештајот на Европската комисија (ЕК) препорачува почеток на преговори по петти пат. Воедно, ЕК побара дозвола од Европскиот совет во декември да отпочне процес на проверка за Македонија, како подготовка за преговорите, нагласувајќи дека проблемот со името треба да се реши во раната фаза на овој процес.

Извештајот започнува со анализа на политичките критериуми. ЕК на самиот почеток во ова поглавје обрнува внимание на процесот на лустрација и препораките на Венецијанската комисија која го критикува временскиот опфат на овој процес, односно неговата примена за периодот по демократизацијата на Македонија во почетокот на 90-те години, како и наодите дека лустрацијата се злоупотребува за партиски цели.

Во однос на изборниот процес, ЕК ги нотира забелешките на ОБСЕ и ОДХР за тоа дека постојат сомневања за заплашување на гласачите како и за злоупотреба на државните ресурси за партиски цели.

Анализирајќи ја работата на Собранието, ЕК укажува дека насилното отстранување, како што се вели во извештајот, на пратениците и новинарите довело до висок степен на поларизација и загрозување на политичкиот дијалог.

Во однос на работата на владата и администрацијата, ЕК бара појасна дистинкција меѓу партијата и државните структури, како и поголема независност на администрацијата.

Што се однесува до судството, извештајот наведува дека неговата независност е спорна, дека постојат сомневања за селективно спроведување на правдата, како и индиректни политички притисоци.

Комисијата смета дека корупцијата е сериозен проблем за македонското општество, дека постојат проблеми со корупцијата во сферата на јавните набавки.

Во однос на состојбата со слободата на медиумите, ЕК вели дека репутацијата на државата на меѓународен и внатрешен план продолжува да се влошува. Извештајот изразува загриженост за владините реклами, кои се сметаат за директна поддршка на провладините медиуми, со што на истите им се дава голема финансиска предност.

Извештајот изразува и загриженот за нетолерантноста кон ЛГБТ-заедницата, и, како илустрација, се наведуваат нападите на ЛГБТ-центарот во Скопје.

Во оценката за економските критериуми, ЕК смета дека Македонија успеала да одржи макроекономска стабилност, но обрнува внимание на зголемувањето на трговскиот дефицит и јавниот долг. ЕК нагласува дека стапката на невработеност е голема и дека таа е особено загрижувачка кај помладата популација.
XS
SM
MD
LG