Линкови за пристапност

Обама бара итен потег за националниот долг


Обама бара итен потег за националниот долг
Обама бара итен потег за националниот долг

Предупреди дека нема да потпише мерка што само привремено би го решила проблемот

Време е да се остави политиката настрана и обете партии во Конгресот да постигнат договор што ќе дозволи САД и натаму да земаат пари на заем, истовремено кратејќи го владиниот дефицит и националниот долг, рече претседателот Обама на прес-конференција во Белата куќа.

Тој најави дека секојдневно ќе се среќава со опозиционите републиканци и неговите сојузници - демократи во Конгресот, се` додека не биде постигнат договор. Обама кажа дека „има уште многу да се заврши“ пред да се постигне договорот и дека нема да потпише мерка што само привремено би го решила проблемот со долгот.

Белата куќа и Конгресот имаат рок до 2-ри август да постигнат договор. Во спротивно, САД би се нашле во ситуација да не можат да го исплаќаат долгот навреме.

Конгресните републиканци најавија дека нема да се согласат на зголемување на даноците како решение на проблемот, додека демократите се против кратењата во пензиските и здравствените програми за највозрасните Американци и сиромашните.

Обама рече дека неисплаќањето на долгот би ги зголемило каматните стапки и би предизвикало нова економска рецесија. Американскиот секретар за финансии Тимоти Гајтнер предупреди дека доколку не биде накачена сегашната граница за владино позајмување од 14,3 трилиони долари, за САД да можат да го отплаќаат долгот, ќе биде причинета „катастрофална штета“ по американската економија.

Новата директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард смета дека американското неисплаќање на долгот би имало „навистина лоши последици“ по глобалната економија, како повисоки каматни стапки и пад на цените на акции. Таа изјави дека не може ниту да замисли дека американските водачи би дозволиле таква ситуација.

Последната рунда преговори меѓу Обама и клучните конгресни републиканци заврши неделата без некој очигледен напредок.

XS
SM
MD
LG