Американската хелсиншка комисија на распитот во Конгресот заклучи дека натамошниот напредок на Западниот Балкан во евроатлантските интеграции ќе придонесе за стабилизација на регионот и зајакнување на демократските институции. На трибината во Вашингтон со која претседаваше конгресменот Кристофер Смит од Њу Џерси, а сведочеа Даниел Сервер од Универизетот Џонс Хопкинс, Нида Гелазис од Центарот Вудроу Вилсон и Иван Вејвода од Германскиот Маршалов фонд во САД, беше испратена порака до земјите-аспиранти за членство дека влезот на Западниот Балкан во НАТО нема алтернатива.
„Мај е времето да се поправи неправдата од Букурешт, Чикаго е местото. Самитот на НАТО треба да ѝ испрати покана за членство на поранешната југословенска република Македонија, или на Македонија, според кое и да е` име за кое Скопје и Атина може да се договорат пред тоа. САД треба јасно да ѝ дадат до знаење на Грција дека повторувањето на грешката од Букурешт не е прифатливо, како што веќе кажа Меѓународниот суд на правдата“, изјави Сервер, кој говореше преку Скајп-врска од Белград.
Вратата на НАТО треба да остане отворена за оние кои имаат желба и` се подготвени за членство, додаде овој аналитичар.
„Проширувањето на НАТО на Балканот им служи на интересите на САД не само во тој регион, туку и секаде каде што НАТО и американските сили ќе бидат испратени во иднина“, рече Сервер.
Нида Гелазис од центарот Вудроу Вилсон пак, смета спротивно. Таа претпочита најпрвин договор меѓу Скопје и Атина, па потоа влез во НАТО.
„Очигледно, постои голема пречка во односите со Грција. По проширувањето, меѓународната заедница би загубила дел од влијанието да издејствува взаемно прифатливо решение“, кажа Гелазис.
Иван Вејвода од Германскиот Маршалов фонд во САД ја поздрави пресудата од Судот во Хаг, но е резервиран во однос на можноста за влез на Самитот во Чикаго. За Гласот на Америка изјави: „Надежта е дека Македонија ќе добие покана за членство. Но, имајќи ја предвид севкупната политичка состојба, тоа е неизвесно. Времето ќе каже. Имаме време до мај да ги видиме резултатите“
Официјален Вашингтон, пак, вчера преку заменик-помошникот државен секретар Филип Рикер кој беше во посета на Скопје порача дека решението на спорот со името е предуслов за влез во НАТО.