Линкови за пристапност

ОМД бара Клинтон да ја посети и Македонија


Аналитичарот Даниел Сервер, пак, смета дека тоа би донело и барање за резултати во спорот околу името.

Во име на, како што наведува, близу половина милион Американци од македонско потекло, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) во писмо до Хилари Клинтон ја повикува американската државна секретарка да ја вклучи Македонија во претстојната балканска турнеја, на која ќе ги посети Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Хрватска.

ОМД наведува дека ова е четврта посета на Клинтон на регионот во која не е вклучена Македонија; дека последен пат еден американски државен секретар бил во Македонија во 2003-та (посетата на Колин Пауел); и дека тоа испраќа негативна порака до македонските граѓани. Дијаспората истакнува дека Македонија е цврст партнер и близок стратешки сојузник на САД кој тоа го покажал во Косово, Ирак и Авганистан.

Вашето присуство би испратило позитивна порака до македонските граѓани дека се на вистинскиот пат кон евроатлантската интеграција (...) и дека САД енергично ги поддржуваат нивните напори да влезат во НАТО и ЕУ.
ОМД

Изразуваји надеж дека Клинтон ќе ја вклучи Македонија во оваа посета, ОМД истакнува дека тоа ќе испрати позитивна порака до македонските граѓани дека се на вистинскиот пат кон евроатлантската интеграција и дека САД ги поддржуваат нивните напори да влезат во НАТО и ЕУ.

​Аналитичарот Даниел Сервер, пак, во својот блог писфеар.нет коментира дека не е сигурен дека Македонците би биле пресреќни кога Клинтон и нејзината колешка од ЕУ, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон би дошле во Македонија, затоа што во тој случај би барале резултати. Во Скопје бездруго би побарале напредок во однос на прашањето за името, што значи дека би требало до појдат и во Грција, пишува Сервер, додавајќи дека може да помисли на многу причини зошто не би го направиле тоа.

Професорот на Универзитетот Џонс Хопкинс смета дека Вашингтон и Брисел дошле на убедување дека македонскиот премиер Никола Груевски е голем дел од проблемот, додавајќи дека тој навидум мисли дека е во подобра позиција ако ги остави нештата како што се`, затоа што сите други освен Грците ја нарекуваат земјата Македонија.

„Мислам дека кога Груевски би се јавил во Стејт департментот и би им кажал дека е подготвен да прифати „квалификатив“ (како во примерот Северна Македонија), дека тогаш би можел да добие посета на државен секретар или виш претставник. Но, тој не сака да го стори тоа затоа што Грција инсистира решението, кое и да е`, да се користи за сите цели, на пример секојпат кога името на државата ќе се спомене во нејзиниот Устав. Ова е барем исто толку тешко за него да го проголта колку што би било и за други премиери“, пишува Сервер.

Грција треба да го надмине својот страв од Македонија и недостојниот отпор кон одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Но, ништо од тоа најверојатно нема да му донесе на Скопје посета на Хилари Клинтон.
Даниел Сервер

Сервер оценува и дека „Атина го убедила Вашингтон да не ја притиска да го прифати БЈРМ, и покрај таквата обврска што Грција ја има согласно Времената спогодба“.

„Ниту за еден момент не верувам дека Скопје има аспирации кон грчката територија. Посекако, неговите тврдења, доколку има такви, нема да бидат подобри од оние на Мексико за големи делови на САД, а и односите на моќ меѓу двете земји се слични. Грција треба да го надмине својот страв од Македонија и недостојниот отпор кон одлуката на Меѓународниот суд на правдата. Но, ништо од тоа најверојатно нема да му донесе на Скопје посета на Хилари Клинтон“, заклучува Сервер.
XS
SM
MD
LG