Македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески викендов во Вашингтон учествуваше на редовните годишни средби на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд
Глас на Америка: Вицепремиере, Македонија според „Дуинг бизнис“ високо котира, меѓутоа отсуствуваат странски инвестиции. Зошто?
Ставрески: Да ги споменеме бројките и мислам дека таа перцепција ќе биде малку поразлична. Само во последните три години во Македонија има една милијарда и 100 милиони евра странски инвестиции. Тоа е колку за 10 претходни години. Овој процес не е лесен и бара континуиран ангажман, не од една влада, туку од сите влади последователно, за да бидеме успешни. Процесот на привлекување инвеститори е најмакотрпниот процес, бидејќи не зависи само од нас и од нашата политика, туку и од општата ситуација во регионот и општата глобална сосотојба. Сите тие околности во моментов не се најповолни од аспект на кризата во светот, но ние остануваме цврсто уверени дека Македонија ќе успее да донесе повеќе инвеститори и во таа увереност покажуваме решителност и ангажман што ќе се исплати.
Глас на Америка: Имате ли решение како Македонија да ги зголеми инвестициите, домашни и странски, да ја намали јавната потрошувачка во време кога се` уште трае светската економска криза?
Ставрески: Во однос на инвестициите, се` што правиме, почнувајќи од подобрувањата во секторот образование, подобрување на квалитетот на работната сила, креирањето на инфраструктурни услови за инвеститорите, ниските даноци и малите трошоци, го правиме со цел да привлечеме повеќе инвеститори. За нас е неважно дали се работи за странски или домашни инвестиции, не правиме разлика меѓу нив, затоа што и едните и другите се потребни. Во делот на јавната потрошувачка, Македонија има трет најнизок буџетски дефицит во Европа во овие кризни времиња, и според оценките на ММФ, буџетскиот дефицит на Македонија беше на најсоодветно ниво и помогна од една страна да се ублажи рецесијата, а од друга страна да не се изгуби контролата за нивото на јавниот долг. Значи имавме умерено ниво на буџетски дефицит, што овозможи да и помогнеме на економијата и приватниот сектор. Таа оценка од ММФ многу ни значи во поглед како и натаму треба да се креира буџетската политика во Македонија.
Глас на Америка: Кои се очекувањата од Светската банка на кус рок?
Ставрески: Светската банка во моментов работи на новата тригодишна стратегија за Македонија. Ги договараме следните проекти. Наш интерес е да имаме проекти во делот на инфраструктурата, поточно во делот на енергетиката. Банката ќе остане ангажирана во делот на подобрување на сопственичките права, во делот на катастарот и во правата за имотно-правните односи. Очекувам нашата успешна соработка со Светската банка да продолжи и во следниот период.
Глас на Америка: Експерите посочуваат дека стимулативните напори годинава веројатно ќе продолжат, но многу земји ќе мора да ги скратат трошоците следната година. Дали тоа ја очекува и Македонија?
Ставрески: Ако Македонија имаше дефицит каков што имаа балтичките земји, или пак, како Грција и некои европски развиени земји, кои завршија со 12-14 процентен буџетски дефицит, и ние ќе го имавме истиот проблем и предизвик да мора веднаш да го сведеме нивото на фискална поддршка во подносливи рамки. Меѓутоа ние имавме умерен дефицит во 2009-та, што ни овозможува да продолжиме со политиката на поддршка на капиталните проекти, пред се ` во делот на инфраструктурата и градежништвото за да може да одржиме повисоко ниво на економска активност. Нивото на јавен долг во Македонија е умерено, и од таа страна нема никаков проблем да се донесат средства од надвор со цел да се помогнат малите и средни претпријатија. Ние тоа го правиме со кредитната линија од европската инвестициона банка.
Глас на Америка: Дали сметаде дека кризата во Грција може да се одрази во Македонија и на кој начин таа евентуално би се одразила?
Ставрески: Тоа се добри вести во однос дека Грција треба што побрзо треба да побара помош од ММФ, бидејќи мислам дека на таков начин ќе се смират очекувањата и нервозата кај инвеститорите и на меѓународниот пазар на капитал. Тоа ќе помогне да перцепира регионот на подобар начин. Мислам дека нема ризик за Македонија во делот на грчките инвестиции кои се присутни во земјата, бидејќи ние нудиме подобри услови отколку што и самите инвеститори имаат во нивната држава. Така што мислам дека ќе останат во Македонија нивните инвестиции и инвеститори. Меѓутоа можно е во делот на трговијата да имаме извесни негативни последици бидејќи очекуваме доколку има нарушувања на социјалниот мир во Грција, затварања на граници од штрајкови и слично, тоа може да влијае врз редовното одвивање на трговијата меѓу македонските и грчките фирми и на тој начин да има негативни последици врз македонската економија. Сепак, засега работите се подносливи и последиците се умерени.