Линкови за пристапност

Влијанието на религијата во американската надворешна политика


Оттука и прашањето дали фокусирањето на религијата може да му помогне на Вашингтон да ги постигне своите надворешнополитички цели?

Според американскиот Устав, националната влада треба да стои настрана од верските прашања – да не поддржува ниту една религија, а истовремено да не ја попречува слободата на веросиповед. Сепак, некои експерти велат дека кога се работи за меѓународни прашања, американската влада треба да обрне поголемо внимание на религијата и големата улога што таа ја има во животот на луѓето и државите ширум светот.

Оттука и прашањето дали фокусирањето на религијата може да му помогне на Вашингтон да ги постигне своите надворешнополитички цели? Нова студија на невладиниот Совет за глобални прашања од Чикаго вели дека тоа е можно. Во нов извештај, организацијата ги нарекува ангажираните верски заедници во странство „нов императив на американската надворешна политика.“

Томас Врајт, раководителот на новата студија, посочува на, како што смета, неуспехот на Вашингтон да вклучи влијателни верски лидери во Ирак и Авганистан во борбата против тероризмот. Тој верува дека ангажирањето на вакви лидери, кои не се вклучени во насилство, може да креира нови сојузи и начини за мир и напредок во голем број проблематични делови од светот.

Претседателот Барак Обама се обиде да го направи тоа преку неговиот говор во Каиро, обраќајќи им се на муслиманските заедници и муслиманските држави. Студијата на Врајт предлага проширување на тој опсег и заклучува дека без посериозен и потемелен однос со религијата по бројни прашања и вклучување на најразлични личности, САД ќе испуштат важни прилики за решавање на конфликтите и постигнување на мир.

Ова има смисла за имамот Фаисал Абдул Рауф:

„Религијата е дел од проблемот, затоа мора да биде и дел од решението, бидејќи ако таа не претставува фактор, ако не е на преговарачка маса, ќе стане поголем проблем“.

Рауф претседава со Иницијативата Кордоба која промовира разбирање меѓу муслиманскиот свет и Западот. Тој додава дека преку осознавање и почитување на суштинските верски вредности на една заедница, американската дипломатија ќе може да гради коалиции од кои ќе произлезе одржлив мир.

Сепак, Шон Феарклот, извршен директор на Секуларната коалиција на Америка, вели дека кога една земја ќе ја направи религијата интегрален дел на својата надворешна политика, обично следи катастрофа. Феарклот како пример ја наведува војната во Ирак под водство на САД:

„Џорџ Буш беше познат по тоа што неговата војна во Ирак ја поистоветуваше со крстоносна; тој зборуваше за вртење кон виша сила при донесување на своите одлуки. Тој на својот француски колега му кажал дека во процесот на одлучување за војната имал предвид откритија од Библијата. Ова е крајно проблематично и сосема спротивно на основните вредности на Америка“.

Феарклот додава дека посекако е соодветно САД да бидат свесни за актуелната ситуација со религијата во различни земји ширум светот. Па сепак, додава овој аналитичар, американската надворешна политика се залага за подобар живот на сите луѓе во светот, без оглед на верската припадност, а токму тоа налага умерен пристап.

Имамот Абдул Рауф признава дека постои опасност од можноста религијата да стане составен дел на надворешната политика. „Доколку тоа се направи на погрешен начин“, вели тој, „се добива рецепт за креирање на поголеми проблеми. Мора да ја употребите религијата како начин за спојување, мора да го обликувате јазикот на начин што сплотува, религијата мора да ја користите на мошне креативен начин“, истакнува Рауф.

Студијата на Советот за глобални прашања од Чикаго заклучува дека религијата треба да биде ангажирана. Предупредува дека вршење на притисок за некомпромисна секуларна алтернатива може да има ненамерен ефект на поттикнување на екстремизам преку негирање на традиционалните извори на културниот идентитет. Предизвикот за американската надворешна политика, стои во студијата, е маргинализирање на верскиот екстремизам, а не на самата религија.

XS
SM
MD
LG