Проблемите со нуклеарна централа Фукушима по катастрофалниот земјотрес и цунамито во Јапонија ги вратија сеќавањата на нуклеарниот инцидент на Островот Три Милји во САД пред 32 години. Луѓето кои од прва рака ја искусиле ситуацијата велат дека има сличности меѓу двете несреќи, но и длабоки разлики.
Во зори на 28-ми март 1979-та година, заглавен вентил на еден од двата нуклеарни реактори на Островот Три Милји во сојузната држава Пенсилванија резултираше во серија настани што доведоа до првата несреќа во нуклеарна централа воопшто.
Американската комисија за регулирање на нуклеарната енергија како причина за несреќата наведе комбинација од механички проблеми, проблеми поврзани со дизајнот и работнички грешки. За среќа, немаше мртви или повредени. Сепак, инцидентот беше шок за САД.
Мошне брзо по несреќата во јавноста се разви паника. Ричард Торнбург, кој во тоа време беше гувернер на Пенсилванија, вели првично бил принуден да даде погрешна информација бидејќи морал да се потпре на она што му го кажала енергетската компанија одговорна за работата на нуклеарката. Потоа побарал и добил помош од Вашингтон - инженер за нуклеарна енергија од Американската комисија за регулирање на нуклеарната енергија, кого Торнбург го смета за херој во инцидентот на Островот Три Милји. Се работи за Харолд Дентон, кој сега е пензионер и има 79 години.
„Имав поддршка од претседателот Картер и гувернерот Торнбург и тоа на одреден начин ми даде соодветен легитимитет. Само се обидував да го пренесам она што навистина се случуваше. Тоа беше целта за тие три недели додека бев таму. Тоа беше вистинското време, бидејќи енергетската компанија посекако изгуби дел од кредибилитетот поради тоа што не ја увиде сериозноста за несреќата уште од самиот почеток.“
Правејќи паралела со катастрофата во Јапонија, Дентон наведува дека реакторите во Фукушима претрпеле поголема штета и затоа и натаму емитуваат радијација. Клучна разлика меѓу двете несреќи, смета овој експерт, е и тоа што нуклеарката на Островот Три Милји во ниту еден момент не го загуби електричното напојување, како што се случи во јапонската постројка.
Сличноста, вели Дентон, е во техничкиот предизвик да се доведе ситуацијата под контрола и да се спречи натамошно протекување на радијација. Инженерот смета дека е важно добро да се информира јавноста, за да се одржи кредибилитетот. Јапонските власти, вели тој, ова го искусуваат на мошне тежок начин. Несреќата на Островот Три Милји доведе до загуба на јавната доверба во нуклеарната индустрија не само во САД, туку и во странство, заклучува тој.
Дентон и други аналитичари ја рангираат катастрофата во Фукушима како посериозна од онаа на Три Милји, но не толку голема како онаа во Чернобил, Украина, во 1986-та. Па сепак, штетата по јавната доверба во нуклеарната енергија во сите несреќи е - подеднаква.